Во Србија забранет извоз на нафтени деривати; Во Црна Гора колони на бензиските пумпи
На утринската вонредна седница, Владата на Србија одлучи да го забрани извозот на нафта и сите нафтени деривати за погон на мотори, се вели во соопштението.

„Забраната се однесува на извозот на дизел, бензин и сурова нафта со сите видови транспорт до 19 март, по што ќе донесеме дополнителни одлуки. Суштината на оваа забрана е да се заштити домашниот пазар од недостиг и скок на цените, а поради глобалните нарушувања на светскиот пазар“, изјави министерката за рударство и енергетика, Дубравка Ѓедовиќ Хандановиќ.
Таа истакна дека Србија е земја „каде граѓаните плаќаат нафтени деривати поевтино од нивната реална цена на берзата“, и дека државата прави „сè за да ги заштити граѓаните и економијата“.
Големи колони се формираа на бензинските пумпи во Црна Гора од синоќа, откако Здружението на нафтени компании на Црна Гора (UNKCG) предупреди дека постои сериозен ризик од прекин на снабдувањето со гориво во земјата.
Тие тврдат дека по почетокот на кризата на Блискиот Исток, цената на нафтата, а особено на евродизелот кај добавувачите, е за 30 проценти повисока од цените по кои горивото моментално се продава во Црна Гора.
Црногорското здружение на нафтени компании тврди дека проблемот е постојната државна регулатива, која ги пресметува максималните малопродажни цени во Црна Гора на секои две недели, и дека не ја следи динамиката на промените на меѓународниот пазар.






