Сиљановска-Давкова: Ништо не може да ја намали болката на семејствата во Кочани

„Ништо не може да ја намали болката на семејствата што ги загубија своите најмили или се соочуваат со последиците од трагедијата, но можеме и мораме да направиме се што е во наша моќ ваквите трагедии никогаш повеќе да не ни се повторат“, изјави претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на завршната сесија на „Меѓународната конференција за институционалните и клиничките аспекти и решенија по пожарот во Кочани“, што се одржува денеска во Скопје.
Трагедијата во Кочани не останува само доживотно болен спомен, туку останува обврска и постојан потсетник, а фактот за што денеска зборуваме, според Сиљановска-Давкова, е доказ дека сме решени ваквите трагедии да не нè затекнат никогаш неподготвени.
Според неа, зад статистиките стои нечие име, семејство и живот. Преживеаните и нивните семејства, како што рече, ќе ја носат траумата доживотно, а ние имаме обврска да бидеме со нив, и покрај нив, поддржувајќи ги.
– Ништо не може да ја намали болката на семејствата што ги загубија своите најмили или се соочуваат со последиците од трагедијата, но можеме и мораме да направиме се што е во наша моќ ваквите трагедии никогаш повеќе да не ни се повторат. Кочанската апокалипса ни остави длабока рана, предочувајќи ни дека без стандарди, правила и одговорност, ниту една дејност не може безбедно да функционира и ништо ама апсолутно ништо не смее да биде поважно од правото на живот, тоа им го должиме на починатите, на преживеаните, но и на сите граѓани – порача Сиљановска Давкова.
Трагедијата во Кочани, според Сиљановска-Давкова, беше момент на национален шок, длабока човечка болка, ерупција на сочувство и солидарност, но и момент на политичка и општествена катарза – пред огледалото на совеста и одговорноста се најдовме сите и сè уште сме, посочувајќи дека „со крајот на животот ќе ја помнам сликата од утрото по трагедијата“.
– Сите посакувавме лекарите да го направат не само нужното и можното, туку и неможното. Јас верував во знаењето, искуството и пожртвуваноста на лекарите и медицинскиот персонал. Една година потоа мислам дека донесовме вистинска политичка и медицинска одлука кога решивме да побараме помош однадвор. Брзо воспоставената и интензивна координација меѓу македонските институции и здравствениот систем и меѓународните партнери овозможија спасување на многу млади животи. Ме восхитија хуманоста и солидарноста на нашите соседи, брзината на активирањето на европскиот механизам за цивилна заштита, но и солидарноста на сиот свет -рече Сиљановска-Давкова.






