Јирген Хабермас – последниот визионер на еманципираниот ум

Кица Колбе

Во саботата, на 14 март, на возраст од 96 години, почина германскиот филозоф Јирген Хабермас (Jürgen Habermas). За филозофите како мене, чие филозофско мислење уште во поранешна Југославија беше суштински повлијаено од основачите на „Франкфуртската школа“, Теодор В. Адорно и Макс Хоркхајмер, но и од нејзината втора генерација филозофи како Хабермас, Германија е незамислива без неговото присуство. Хабермас не е само симболот на моето германско, туку и на моето југословенско време.

За разлика од земјите на Источниот блок, кои, парадоксално, денес сите се членки на ЕУ, Југославија уште во седумдесеттите имаше актуелен филозофски и политички дискурс во кој се промислуваа темелните идеи на сета европска, но особено на германската филозофија на либералната левица. Не само делата на првата генерација на Франкфуртската школа, туку и делата на Јирген Хабермас беа брзо објавувани на српско-хрватски и со голем интерес толкувани во тогашната југословенска филозофска мисла.

Иако Хабермас беше во длабока старост, самиот факт што тој уште беше жив, беше одредена утеха. Затоа што во кризните времиња тој секогаш се јавуваше во германската јавност со за него типичната политичко-филозофска анализа. Токму неодамна, кога Трамп ја започна војната со Иран, се прашав мигновено дали ќе реагира и на оваа „цезура“ во светската историја. Последен пат се јави со напис во 2025 година, во врска со војната во Украина. Некои од неговите блиски пријатели кои неодамна го посетиле во куќата во Штарнберг, крај Штарнбергското Eзеро, сведочат дека и на возраст од 96 години имал неверојатно јасен, буден ум, кој ја следел секоја промена во светската и домашната политичка јавност. Можеби токму тоа е формулата на долгиот живот – будниот ум!

По смртта на Теодор В. Адорно во 1969 година, Хабермас, во педесеттите негов асистент во Франкфурт, стана најпочитуваниот интелектуален авторитет не само во германската научна и медиумска јавност, туку и во германската политика. Ваквата интелектуална сеприсутност на еден мислител во денешната дигитална јавност се чини незамислива, но таа беше интелектуалната атмосфера која ја обликуваше некогашната Западна Германија, односно СРГ. Во повоена Германија еден особен тип интелектуален формат, кој го одликува и делото на Јирген Хабермас, секогаш се поврзуваше со „Франкфуртската школа“.

 

Хабермас како критичар на националсоцијализмот и историскиот ревизионизам

Биографијата на Јирген Хабермас ја отсликува во многу нешта духовната состојба во Западна Германија по 1945-та. Роден 1929 година во Диселдорф, тој го доживеал националсоцијализмот како момче, во организацијата „Јунгфолк“ (Jungvolk), во која помалите деца ги учел како се дава „прва помош“. На крајот на војната имал 15 години и, за среќа, не бил мобилизиран, како неговиот постар брат. Неговите младешки години ги обликуваше и американското „превоспитување“ на Германците во духот на модерната демократија. Отаде, често се истакнува дека Хабермас никогаш не покажал голем интерес за ГДР, зашто фокусот на неговата генерација брзо беше насочен врз критичкото соочување со времето на Третиот Рајх, Аушвиц и врз демократската преобразба на германското општество, чија прва морална премиса стана: „никогаш повеќе Аушвиц“. Таа премиса, всушност, која важи за демократите во Германија и денес, се наоѓа во темелот на сиот мисловен и филозофски ангажман на Јирген Хабермас.

Студирал филозофија во годините кога се поставуваа темелите на модерна демократска Германија, од 1949 до 1954, на универзитетите во Гетинген, Цирих и Бон. Иако неговата рана филозофска мисла е повлијаена од Хајдегер, тој станува познат во филозофската јавност со рецензијата за „ФАЦ“ на хајдегеровото дело „Вовед во метафизиката“, во кое препознава формулации кои укажуваат дека овој не се дистанцирал од своето националсоцијалистичко мисловно наследство. Хабермас уште како студент пишувал за многу германски весници и научни списанија, со што продолжил поинтензивно по докторатот во Бон со тезата „Апсолутното и историјата“ (1954), а продолжил да пишува и откако во 1956, со стипендија за „Институтот за социјални истражувања“, заминал во Франкфурт, каде подоцна станал асистент на Адорно. Можеби во тој медиумски ангажман ја сознал просветителската сила на јавниот дискурс, за кој уште потемелно пишува во неговото главно дело „Теорија на комуникативното делување“ („Theorie des kommunikativen Handelns“), објавено во 1981 година. Хабермас до крајот на животот интензивно учествуваше во најактуелните полемики.

Тој долго беше интелектуален сеизмограф на германската научна и интелектуална сцена, зашто веднаш во неа ги детектираше сите опасности за демократијата.

Така беше во 1969, кога се спротивстави на радикалните стремежи на некои од припадниците на студентското движење, но и во 1986, со својата луцидна критичка анализа на најновите дела на неколку познати германски историчари, како Ернст Нолте или Клаус Хилдебранд, кои националсоцијализмот го изедначуваа со сталинизмот, а Аушвиц го толкуваа како реакција на Сталиновиот „Гулаг“. Хабермас во обидите за „ново читање“ на германската историја од оваа група историчари препозна обид за „историски ревизионизам“ и остро се спротивстави. Во таа неверојатно витална полемика со конзервативните историчари, Хабермас го практикуваше тој метод на мислење кој самиот го дефинираше како темел на дискурсот и делувањето на еден комуникативен ум, чија сила е аргументот и критичката анализа. Тоа што тој подоцна го нарече „дискурс, слободен од доминација“. Секако, многумина и денес истакнуваат дека неговата увереност во силата на комуникативниот ум во општественото делување јасно ја изразува неговата поврзаност со Кант и со неговата дефиниција на разумот како средство за еманципација на човештвото.

 

Полемика за еугениката и социјалдарвинизмот

Слично на Кант, и Хабермас учествуваше во дискусиите со филозофите на религијата на неговото време, затоа што сметаше дека секое општество мора да поседува еден кодекс на обврзувачки вредности. Од друга страна, кога на преминот во новиот милениум филозофот Петар Слотердајк „сонуваше“ за човештвото „како човечки парк“, кој со силата на генетиката би можел да се „перфекционира“ со помош на некоја социјална „еугеника“, Хабермас отвори полемика, укажувајќи на сличноста на таквата еугеника со „социјалдарвинизмот“ на националсоцијалистите, потсетувајќи дека злото не е природен и биолошки факт, туку морален, етички избор. Таа жестока полемика во германската филозофска јавност ме инспирираше за идејата на мојот роман „Витезот и Византијката“.

Иако и Хабермас од 1971 до 1981, додека работеше во „Институтот Макс Планк“ во Штарнберг, заедно со астрофизичарот Фридрих фон Вајцекер ги истражуваше условите на животот во научно-техничкиот свет, тој никогаш не веруваше дека техниката и науката сами по себе ќе го направат човекот подобар, поетичен или поголем демократ. Тој постојано ја истакнуваше социјално-интелектуалната димензија на човечкото мислење и делување според комуникативниот, еманципаторски ум. Всушност, неговата критичка скепса кон секоја идеологија потекнува од горчливото искуство со националсоцијализмот. Затоа Хабермас толку инсистираше на модерниот еманципиран граѓанин, кој не се раководи од идеологија, туку во рамноправен дискурс ги разгледува, заедно со другите учесници, сите аспекти на проблемот.

Последниот германски визионер на демократскиот дискурс

Некои интелектуалци во осумдесеттите иронизираа дека Хабермас го замислува општеството како дебатирачки клуб, во кој секој е филозоф, макар како аматер. Напротив, Хабермас инсистираше на тоа секоја идеја да се провери со критичкиот ум, за да се избегне манипулацијата со граѓаните. Дека имаше право да укажува на важноста на дискурсот ослободен од доминација, се потврди со злоупотребата на дигиталната јавност од невидливи центри на моќ кои, наместо критички дискурс, нудат лажни вести и теории на заговор. Во оваа мрежа од моќ и манипулација со умовите на граѓаните, редуцирани на пасивни консументи на вести и сензации, на нечовечки идеологии, а понекогаш и на отворена фашистичка пропаганда, во која живее денешниот свет, уште поболно станува заминувањето на последниот германски визионер на слободниот, демократски дискурс – Јирген Хабермас.

Кица Колбе

Back to top button
Close