Нација со кусогледна меморија

Почитувани читатели, веќе 36 години од осамостојување на Република Македонија како независна држава, призната од сите држави во светот и членка на Обединетите Нации.

Плурализмот, воведен во 1991 година како демократски политички систем, ја покажа најгрдата слика на овој систем, во нашата непоправлива реалност.

Политичките партии, изминатите 35 години владеење со Македонија, а тоа се големите партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ, воспоставија плуралистички систем каде што владее криминалот и корупција. Така наречениот плурализам и партиските лидери во него упорно ја бришат колективната, национална меморија.

Досегашното искуство покажува дека секоја партија на власт презема силни чекори за да го владее севкупниот систем во државата, почнувајќи од Собранието на РМ, Судството и Обвинителството. Токму тие се вистинските стожери кои го креираат развојот на државата.

Изминативе 35 години, во сите институции почнувајќи од Собрание на РМ, Судство и Обвинителство, владее исклучиво партискиот интерес предводен од Владата. Од досегашното искуство, општо познато е дека Владата си ги брани партиските интересите на своите членови, промовирајќи инсталирање на криминал и корупција во целиот систем.

Законите во Република Македонија се јасни. Собранието е највисокиот орган на моќ за контрола врз работата на Владата. Кај нас се практикува спротивното, Владата да го контролира работењето на Собранието.

Судството и обвинителството се независни институции кои не смеат да подлежат на било каква партиска контрола. За жал, очигледно е дека независноста на овие две институции е украдена, киднапирана, зашто и судството и обвинителството во целиот изминат период на нашата самостојност се контролирани од партиите на власт.

 

Што значи плурализмот во денешна Македонија?

Секој мудар човек е свесен дека независноста на нашава Македонија ја донесоа комунистите, востинските патриоти кои си ги жртвуваа животите за време на Втората светска војна. Денес многумина од нив се избришани од нашата историја. Згора на тоа некои се лустрирани како непријатели на нашава држава. Ќе споменам две личности. Тоа се поетот Славко Јаневски и Академикот вајар Томе Серафимовски. Еминентни личности со еминентно минато, чии драгоцени дела од просторно-временската уметност и денес се синоним за нашето културно богатство.

Зошто ништиме личности кои си ја сакаат својата татковина преку својата посветеност и дела? Зошто ги маргинализираме или ги бришеме од историјата личностите кои се најзаслужни за денешната самостојност на Македонија? Само затоа што биле комунисти? Комунизмот е осуден како најголемо зло на човештвото од така наречени демократски општества.

Ќе ми дозволите да го споменам првиот претседател на независна Македонија, заборавениот државник Киро Глигоров.

Тоа е човекот кој првите 100 примероци од збирката поезија ,,Бели мугри” на великанот Кочо Рацин, ги подигнал од Загреб и ги донел во нашата татковина.

Врвниот поет Кочо Рацин исто така бил комунист. Неговата поезијата е темелник на современа македонска поезија и раѓањето на македонскиот поетски збор. Неговите песни се врвни поетски остварувања со уметничка вредност. Треба ли и него да го осудуваме дека бил комунист?

Посветеноста на Претседателот Глигоров во етаблирањето на нашата државност е фундаментална за нас Македонците. Со неговата посветена работа како претседател на Македонија по распадот на поранешната СФРЈ, се оформивме како независна држава без испукан куршум. Во останатите републики распадот беше крвав.

Господинот Глигоров покажа карактер дека е непоткуплив кога е во прашање опстојувањето на нашата држава под уставното име. Од сериозни американски институции излезе информацијата дека му била понудена огромна сума на пари за да го промени името. Тој таквиот предлог го одбил, бидејќи си го сакал сопствениот народ и татковина.

За време на неговото владеење се практикуваше системот на еквидистанца со сите наши соседи, имајќи го во предвид токму тоа што денес ни се случува .

Човек кој што секогаш беше со својот народ на сите настани од полето на културата, уметноста, спортот… Човек кој се радува на секаков успех и покажува силни емоции и кога се губи, посебно во спортот, е човек родољуб. Киро Глигоров не е само голем човек и добар претседател туку и сведоштво за една заборавена државничка етика.

Нѐ има многу слични на Киро Глигоров, посебно во љубовта кон својата татковина и сите народи во нашата држава. За жал, таквите личности денешниов така-наречен плуралистички систем во Македонија, ги убива внесувајќи омаловажување, омраза и бришење на историјата. Иронично е што историјата сами ја бришеме, а без паметење на историјата нема држава. Минатото е лулка на сегашноста каде што расте иднината. Нераскинливи се.

Почитувани читатели, некогашниот силен комунист, Словенец, Милан Кучан, беше копија на нашиот Киро Глигоров во осамостојувањето на Словенија.

Денес, иако бил комунист, во модерна Словенија се доживува како татко на нацијата и државата. Нашиот Киро Глигоров е заборавен од денешните, така наречени силни политичари кои не се свесни дека со бришење на еминентни личности се ништиме самите себе.

 

Почитувани читатели, не треба да молчиме кога е во прашање историска вистина. Треба да ги вратиме во учебниците по историја сите личности кои ја донесоа слободата на Република Македонија. Со маргинализирање на нивните фундаментални дела, покажуваме колективна неодговорност во спрега со лични фрустрации.

Киро Глигоров треба да ни биде мерка за државност, која за жал, ја изгубивме…

 

 

Back to top button
Close