Македонија е меѓу најдобрите во светот во намалување на смртност на деца под 5 години, рече Алиу

Македонија е меѓу најдобрите земји во светот во извештај на Обединетите Нации за намалување на неонаталната смртност за деца под 5 години на глобално ниво, рече на прес-конференција министерот за здравство Азир Алиу.

Бројот на породувања во последната деценија е сепак намален.

Овој резултат тој му го припиша меѓу другото и на Комитетот за безбедно мајчинство. Од 2015 година според резултатите перинаталната смртност е намалена за 87 проценти а смртноста на доенчињата за 75 проценти.

 

-Глобалниот извештај за 2025 покажува дека стапката на смртност кај новороденчињата за неполна деценија е намален за 87 проценти, од 8,1 на 1,1 смртен случај на 1000 живородени деца. Стапката на смртност на деца под 5 години е намалена за 75 проценти од 11,1 на 2,8 на илјада живородени деца. Ова покажува дека Министерството за здравство е на добар пат за заштита на мајките и децата. Минатиот период се имплементирани повеќе мерки за итна акушерска нега, подобрување на практиките за реанимација на новороденчињата, заштита од инфекции и зајакнување на транспортот, рече Алиу.

 

Претседателката на Комитетот за безбедно мајчинство доктор Ирена Алексиоска Папестиев објасни дека со цел да се евидентираат пропустите во 2019 Министерството за здравство ја формираше националната комисија за ревизија на перинаталната смртност и одлучено беше секој смртен случај на новороденче да се ревидира и да се види каде е пропустот во системот. Потоа се креирале политиките на ниво на држава. Таа истакна дека процентот на царски рез е навистина зголемен и затоа треба да се упати едно големо внимание за ревидирање на клиничките протоколи зашто секој царски рез според неа, понатаму носи ризик и за мајката и за новороденчето.

 

-Се гледаше каде се пропустите и во зависност од проблемите во системот беше креирана политика. Беше формиран и Мастер-план за перинатална грижа до 2030 година во кој учествуваа Министерството за здравство, сите здравствени институции под координација на експерти од Клиниката за гинекологија и акушерство. Денеска тој план е основна алатка која укажува како да се однесуваме кон сите ризични пациенти, каде во регионите можат да се третираат за соодветна неонатална грижа. Беше инвестирано во обука на здравствените кадри како основен двигател на неонаталната грижа, рече доктор Папестиев.

 

Шефот на канцеларијата на Светската здравствена организација Аким Али рече дека резултатите се исклучителни во поглед на намалувањето на смртноста и треба да се прослави, но треба да се продолжи со работа. Според него, секој инцидент е шанса да се научи што не чини во системот и да се поправи.

 

-Македонија станува пример за останатиот дел од светот во поглед на преживувањето на децата и намалување на смртноста. Инвестирањето во обука на здравствените работници мора да продолжи, вложувањето во вистинска опрема, истакна тој додавајќи дека поддршката од СЗО и УНИЦЕФ ќе продолжи за Македонија.

Важно е успехот што го прославуваме денес, да биде рамномерен во целата држава. Најранливите групи на деца и жени да ја добијат поддршката, посочи тој

Back to top button
Close