Стан во сопственост на Град Скопје од денеска е шелтер-центар за жртви на семејно насилство
Стан во сопственост на Град Скопје од денеска добива нова намена и ќе се користи како шелтер-центар за жртви на семејно насилство – објави попладнево градоначалникот Орце Ѓорѓиевски. Станот е предаден на користење на Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство „Глас против насилство“.

Договор за префрлање на сопственоста на станот денеска потпишаа скопскиот градоначалник и извршната директорка на невладината организација Елена Димушевска.
„Оваа мерка е дел од нашата поширока визија – да го изградиме Скопје како безбедна, солидарна и инклузивна заедница, во која секој човек знае дека не е сам и дека постои систем што ќе го заштити и поддржи во најтешките моменти. Со ова, една идеја за поддршка и заштита добива свој дом, своја врата која ќе биде секогаш отворена за оние на кои им е најпотребна. Овој простор е засолниште, надеж и нова шанса“, напиша Ѓорѓиевски во објава на Фејсбук.
Локацијата на станот е остане строго доверлива од безбедносни причини и за заштита на корисниците.
Покрај пренамената на просторот, скопскиот градоначалник информира дека преку јавниот повик за финансирање здруженија, невладини организации и фондации, обезбедени се средства за сите сервиси за поддршка.
„Остануваме цврсто посветени на креирање политики и мерки што значат вистинска, системска заштита, затоа што секој живот вреди, а секоја приказна заслужува нов, достоинствен почеток“,додава Ѓорѓиевски.






