Цената на траумата: Како жртвите на насилство да се заштитат од двојна виктимизација?

Глобални практики насочени кон ефективна и реална помош на жртвите на насилство

Лени Фрчкоска

Како колектив во многу краток период посведочивме настани кои покажаа дека жртвите на физичко и/ли сексуално насилство во Македонија имаат основа за страв од двојна виктимизација. Во изминативе неколку години полицијата во повеќе наврати се покажа непрофесионална да направи проценка на ризик и неспособна да ја заштити жртвата која во многу случаи беше оставена на (не)милоста на насилникот. Полицијата и социјалните работници ја оставија Ивана (и нејзината ќерка Катја) во состојба на непоимлив очај и чувство дека нема излез; полицијата ги остави Росица и нејзиниот татко да бидат убиени. Во случајот со злоупотребата на приватни фотографии во случајот „Јавна соба“ казнети беа само основачите на групата, додека стотиците мажи кои споделиле фотографии пратени во доверба не беа никако санкционирани. Кратко потоа се појави Ромска јавна соба околу која не се направи ништо.

По таквата непрофесионалност и неукост на дел од полициските службеници често следи релативизирачко соопштение од МВР (наместо строго санкционирање, во име на вистината следат дисциплински мерки. Колку само фразата „дисциплинкски мерки“ звучи бедно во светлото на убиството на Росица и татко и) и поместување на одговорноста од институционална на индивидуална. Останува несфатливо како образот на институцијата се штити со негирање на она што сите го гледаме наместо со строго санкцонирање на непрофесионалните припадници на полицијата. Таквата институционална традиција дополнително ги предомислува жртвите во момент на акутна ранливост, гнев, повреденост да се обратат пред горенаведените.

Јелена Вељковиќ, психолошка советничка и психотерапевтка, авторка на „Белешки од психотерапијата“, има направено листа на причини зашто жртвите на сексуално насилство често задоцнето (ако воопшто) пријавуваат насилство, со цел да ја подигне свесноста за она што им е потребно на жртвите кога проговоруваат јавно: длабоко разбирање и поддршка.

Една од клучните точки кои Вељковиќ ги потенцира гласи: „Властите не си ја вршат работата како што треба. Има многу приказни за жени кои пријавуваат насилство, малтретирање, злоставување, а за возврат добиваат потсмев, саркастичен коментар или незаинтересираност и недејствување“.

 

И, останува прашањето, што да се прави?

Културата не се менува преку ноќ, туку преку ситни секојдневни практики зад кои детерминирано се стои. Практики засновани на идејата за хуманост и емпатија со личност која поминала тешка траума. Кои постојат како одговор на едноставното прашање – Како жртвата да не се одврати од поривот да пријави?

Имајќи ја предвид таа ситуација целта на овој текст е да насочи кон воведување едноставни практики на поддршка на жртвите во моментот кога пријавуваат насилство (примарно сексуално и физичко), како и технички елементи кои би ја заштитиле жртвата (почесто жена или дете, но во поретки ситуации и маж) од повредата на двојната виктимизација.

 

Закон наспроти пракса во Северна Македонија

Во Северна Македонија, сексуалното насилство и силувањето се кривични дела што се гонат по службена должност. Кривичниот законик ја има усогласено дефиницијата на силување со концептот на недостиг на согласност, што претставува значајно приближување кон европските и меќународните стандарди. Од аспект на материјалното право, ова е суштински напредок. Сепак, кога ќе се влезе во процесната рамка, ситуацијата станува покомплексна.Ана Аврамовска – Нушкова, правна советничка и проектна координаторка во Националната Мрежа против насилство врз жените и семејно насилство, објасни каква е процедурата при пријава на ваков тп н насилство кај нас, но и каква е често реалната состојба.

„Законот за кривична постапка предвидува дека собирањето докази, особено форензичките докази, се врши по наредба на јавен обвинител. Паралелно со тоа, Законот за спречување и заштита од насилство врз жените и семејно насилство предвидува постоење на Центри за упатување на жртви на сексуално насилство, кои треба да обезбедат итна медицинска помош, психолошка кризна поддршка, судско-медицински преглед и правна и безбедносна помош. На територија на Македонија има три вакви упатувачки Центри и тоа во Скопје, Тетово и Куманово сместени во здравствените устанува и раководени од страна на Министерството за здравство. Овие центри функционираат согласно Стандардна оперативна процедура (СОП), која формално предвидува мултисекторски пристап и достапни услуги преку пристап насочени кон жртвта. СОП-от предвидува форензичките докази да ги зема лекар специјалист по судска медицина по наредба на јавен обвинител, во присуство на гинеколог. На нормативно ниво, системот изгледа структуриран и усогласен со современи стандарди сепак со простор за негово доусовршување. Во праксата функционирањето на центрите укажува на исклучително мал број случаи кои ги користеле услугите во овие центри“ – објасни Аврамовска – Нушкова но како реална слабост ги потенцира праксата форензичките докази често да не се земаат во самите упатувачки центри, туку жртвите се упатуваат во Институтот за судска медицина, како и непостоењето воспоставен систем за складирање форензички докази доколку жртвата не сака веднаш да поднесе кривична пријава.

„Пристапот насочен кон жртвата подразбира таа да има време, простор и контрола врз одлуката дали ќе поднесе пријава, но процесната логика на кривичното право бара итно институционално вклучување. Токму тука се појавува јазот меѓу концептот и практиката“ – вели таа.

Ратификацијата на Истанбулската конвенција се случи во Собранието на 23 март 2018, а стапи на сила во јули стата година.

Аврамовска – Нушкова објасни што значи тоа во контекст на пријавите за сексуално и физичко насилство и што Северна Македонија е обврзана да примени, како потписничка на конвенцијата.

„Во делот на сексуалното насилство, Конвенцијата бара воспоставување специјализирани сервиси како кризни центри за жртви и центри за упатување на жртви на сексуално насилство, кои треба да обезбедат итен медицински третман, форензички преглед, психолошка поддршка и соодветно советување треба да бидат воспоставени и обезбедени од Државата потписник на Конвенцијата. Во објаснувачкиот извештај кон Конвенцијата се наведува како добра европска практика форензичките докази да можат да се земат и складираат без жртвата веднаш да мора да одлучи дали ќе пријави. Тоа ѝ остава време и простор за одлука во сопствено темпо, без притисок дека медицинскиот преглед автоматски значи влез во кривична постапка. Во почетниот евалуациски извештај за Северна Македонија од 2023 година, GREVIO ја поздравува усогласеноста на дефиницијата за силување со концептот на недостиг на согласност, но изразува загриженост во делот на практичната примена. Нотира дека не постои можност за складирање форензички докази доколку жртвата не сака веднаш да пријави, што значи дека автономијата во одлучувањето е ограничена од процесната логика. Дополнително, се укажува дека обврската за пријавување го отежнува пристапот насочен кон жртвата.

Во однос на кризните центри, GREVIO посочува дека иако во Северна Македонија се воспоставени центри за упатување на жртви на сексуално насилство, тие не се целосно развиени како сеопфатни кризни центри во смисла на Конвенцијата. Недостасува целосно функционален систем што обезбедува долгорочна психолошка и терапевтска поддршка како стандардизирана, стабилно финансирана и достапна услуга. Исто така, бројот на жртви што ги користат постојните услуги останува исклучително низок во однос на проценетиот обем на проблемот, што отвора прашања за достапноста, довербата и видливоста на системот. Оттука, може да се заклучи дека Северна Македонија направи важни чекори во усогласување на законодавството со Истанбулската конвенција, особено во материјалното право. Сепак, во практичната имплементација особено во делот на функционирањето на упатувачките центри, автономијата при собирање докази и доследната примена на пристап насочен кон жртвата системот сè уште не ги достигнува целосно стандардите што ги поставува Конвенцијата“ – вели таа.

Во OJO ГОКК, кои настапуваат подоцна откако жртвите првиот контакт го оствариле со полициски службеници и социјални работници фокусот не е веднаш на формалното сослушување. Првиот чекор најчесто е неформален разговор во кој јавниот обвинител, во присуство на адвокатот на жртвата, педагог, психолог, полицискиот инспектор и социјалниот работник, настојува најнапред да го „скрши мразот“.

„На оваа прва средба не се поставуваат тешки прашања и не се бараат детали за настанот. Се зборува за тоа кој е кој во просторијата, зошто сите се тука и што ќе се случува понатаму, при што текот на постапката се објаснува на јасен и разбирлив начин, со посебна емпатија кон жртвата. Таа се запознава и со просторијата во која ќе се врши сослушувањето, со цел да се намали чувството на неизвесност и страв, а во овој дел од разговорот воопшто не се навлегува во самиот настан. Жртвата добива јасна порака дека не мора веднаш да зборува, дека може да направи пауза кога ќе почувствува потреба и дека разговорот ќе се одвива со почитување на нејзините граници – внимателно, со ненаметлив јазик и без притисок, со цел да се избегне повторна траума. Се настојува жртвата да не мора повеќепати да го прераскажува истото искуство, а темпото на разговорот во голема мера го диктира самата таа“ објаснија од таму.

Во просторите на ОЈО ГОКК од неодамна е отворена т.н Пријатна соба – просторија адаптирана за разговор со деца жртви на насилство. Нејзиното отворање е резултат на чувствителноста на разговорот и дополнително, на посебните законски одредби што се однесуваат на заштитата на децата-жртви.

Законодавството предвидува засилена и специјализирана заштита на децата-жртви, уредена во посебен дел од Законот за правда за децата, каде детално се разработени нивните права и мерките за нивна заштита.

„Целта на оваа мерка е детето да не биде изложено на повторни сослушувања и повторно преживување на трауматичниот настан. Иако судот е органот кој формално ги определува овие посебни мерки на заштита, законодавецот тргнува од реалната состојба дека првото испитување на детето најчесто се врши пред јавниот обвинител. Средината се прилагодува во зависност од возраста на детето, со цел да се намали стравот и да се создаде чувство на нормалност. Жртвата во оваа соба може да се игра, да црта, да се одмори, да чита, едноставно да се чувствува пријатно и безгрижно. Во такви услови, децата полесно зборуваат, а разговорите се водат преку стручно обучени лица, со јасна цел детето да биде заштитено од дополнителна траума. Собата е изолирана од другиот простор во зградата, се наоѓа на приземјето на зградата во која е сместено ОЈО ГОКК, има посебен влез, посебен тоалет и истата е озвучена и видео покриена. Оваа соба е линковски поврзана со просторија што се наоѓа на првиот кат од зградата каде за време на распитот се сместени осомничениот и неговиот бранител, со цел жртвата и сторителот да немаат можност да се сретнат. Одбраната и сторителот исказот на жртвата го следат на монитори и по електронски пат можат да поставуваат прашања кои во нивно име на жртвата ги поставува јавниот обвинител. Потребата за ваква соба беше идентификувана од порано, но инспирација за реализација на истата се роди по едно студиско патување во Р.Словенија каде имавме можност да го видиме нивниот модел на Barnahus (или „Сигурна куќа“ како концепт) кој е водечки европски модел за детска-пријателска заштита на деца што се жртви или сведоци на насилство, особено сексуално насилство. Со помош на Проектот EU4FAST оваа идеја ја реализиравме употребувајќи ги оние сегменти од моделот што можеа да се усогласат со нашето законодавство и нашите потреби и можности“ објаснија од ОЈО ГОКК.

Од нејзиното пуштање во јули 2025 година до денес обвинителите од ОЈО ГОКК ја имаат користено во пет различни случаи за сослушување на деца жртви. Дополнително, оваа соба можат да ја користат доколку е потребно и другите обвинителства кога имаат потреба да сослушуваат деца жртви.

Пристап кој ја има предвид траумата и нејзините последици

Соодветни тела во рамки на Советот на Европа (ЕС) и Организацијата на Обеднетите нации (ООН) редовно објавуваат насоки при испитување и разговор со жртви на физичко и/ли сексуално насилство. Заедничка основа е пристапот кој ја има предвид траумата и нејзините последици односно нуди инструкци засновани на терапевтски искуства и согледби според кои разговорт со жртва која искусила таков тип на траума треба да се разлкува од разговор со осомничено лице.

Според ООН пристапот информиран за траума подразбира свесност дека поединци имаат уникатни реакции на претрпената траума и дека пријавата може да носи физички и психосоцијални ризици и последици за жртвата. Дополнително, траумата влијае врз меморијата. Вообичаена последица е жртвите да имаат потешкотии да ги постават настаните во хронолошки редослед што често води кон погрешно уверување дека сведочењето на подносителот на пријавата нема кредибилитет.

Советот на Европа (ЕС) во Насоките за позитивна пракса при истрага и кривично гонење на кривични дела на сексуално насилство врз основа на недостаток на согласност од жртвата. Како особено важно истакнува нешто кое се повторува и кај нас, во серија сведочења на жртви за искуства со полицијата, односно за недостаток на сензитивизација кај дел од полициските службеници и предрасуди во однос на профилот на личноста која пријавува кои. Имено се потенцира дека истражителите и обвинителите треба да бидат свесни за сè уште широко распространетите „митови за силување“. Ова е особено изразено во општества каде што се уште постојат митови за силување, како на пример дека некои жени се „помалку вредни за да им се верува“ или дека жените се склони да „лажат“ за искуства на сексуално насилство. Ваквите штетни уверувања и митови за силување создаваат контекст на сомнеж и недоверба, што дополнително го отежнува пријавувањето на искуства на сексуален напад. Стравот дека нема да им се поверува претставува длабока пречка за откривање кај жртвите.

Интересен детал е дополнителната инструкција според која препорачливо е испитувањето да се одложи најмалку за два циклуса на спиење по траумата. Ова е важно бидејќи е во согласност со начинот на кој функционира меморијата по трауматски настан. Преносот на меморијата во кортексот за време на спиењето ѝ овозможува на епизодната меморија да ги повика информациите што биле зачувани во моментот на сексуалниот напад. Затоа, на жртвите идеално им се потребни две целосни ноќи сон за нивните сеќавања да се консолидираат и да ја пренесат информацијата за инцидентот, пред да можат да раскажат детални наративи за тоа „што се случило“.

Канцеларијата на Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права во февруари минаата година објави прирачник за интервјуирање на жртви на родово-базирано насилство (GBV) со насоченост кон човечки права и пристап кој ја зема предвид траумата.

Прирачникот служи за да им помогне на истражители, офицери за човекови права и други професионалци да работат на случаи на сексуално, физичко или друго родово-базирано насилство; да обезбедат безбедни, почитувачки и професионални разговори со жртви и да го намалат ризикот од повторно трауматизирање на преживеаните.

Позитивни примери на глобално ниво

Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена во 2010 рамки на Прирачник за ефективни полициски одговори на насилство врз жените објави серија позитивни примери од различни земји кои може да послужат како основа за поставување пракса при разговор со жртва на физичко и/ли сексуално насилство:

Во Обединетото Кралство и Северна Ирска, некои градови имаат воспоставено „хостели за кауција“ каде што осомничените сторители на семејно насилство мора да престојуваат додека го чекаат судењето. Ова им овозможува да продолжат да работат и да помогнат во издржувањето на своите семејства, наместо да бидат задржани во притвор пред судењето. Хостелите ѝ овозможуваат на жртвата и на нејзините деца да останат во домот и да бидат заштитени од понатамошно насилство.

Во 2002 година, како резултат на протокол потпишан меѓу Одделот за еднаквост и Канцеларијата на локалната самоуправа при Градскиот совет на Севиља (Шпанија), во рамки на локалната полициска служба формирана е специјализирана единица за постапување по случаи на родово базирано насилство. Специјализираната единица, групата „Дијана“, е формирана откако било согледано дека, иако жените кои биле изложени на злоупотреба често ги користеле полициските услуги, тие чест ја доживувале полицијата како дистанцирана и недостапна. Оттука, со цел да се избегне секундарна виктимизација, групата „Дијана“ е насочена кон обезбедување континуирана специјализирана грижа за преживеаните, така што, наместо да мораат да се соочуваат со различни службеници кои не се запознаени со нивната целокупна ситуација, тие добиваат поддршка од специјално обучена група која ги познава специфичните прашања и предизвици со кои се соочуваат.

Во Австрија, законот ѝ дава на полицијата овластување да ги отстрани пријавените за сторителите на семејно насилство од домот во период од 10 дена. Жените можат да поднесат барање до судот за продолжување на мерката. Слични закони се донесени и во Германија и Швајцарија. 

Бразил предводи во воведувањето на специјализирани полициски единици за поддршка на жени кои биле жртви на семејно насилство. Во 1985 година, полицијата ја формираше првата специјализирана полициска станица за постапување по случаи на жени-жртви на семејно и сексуално насилство. Основaњето на овие служби произлегло од од сознанието дека, иако насилството врз жените било широко распространета појава во општеството, постоеле мал број полициски пријави за вакви случаи, и следствено на тоа, мал број случаи стигнувале до судовите и беа судени. Пријавите ретко биле евидентирани, а на жените им било советувано да се вратат дома и да се обидат да го „поправат“ она што се случило со тоа што „ќе им зготват на сопрузите вкусна вечера и нема да предизвикуваат понатамошни расправии“. Во случаи на сексуална злоупотреба, понижувањето било уште поголемо и во најголем дел од случаите жртвите биле обвинувани дека самите ја предизвикале ситуацијата. За да се промени ваквата состојба, владата на Сао Паоло ја основала првата полициска единица за поддршка на жени. Според првичниот проект, помошта требало да ја обезбедуваат исклучиво жени-полициски службеници, со уверување дека така на жртвите ќе им биде полесно да зборуваат за нападите што ги доживеале. Со оглед на препознаената комплексност на насилството во брачни/партнерски односи, единиците, покрај полициските услуги, нуделе и психолошка, социјална и правна поддршка. За да се обезбеди жртвите да бидат третирани со почит, сите практичари кои работеле во единицата биле обврзани да завршат обуки за родова сензитивност и други специјализирани курсеви. Денес, во Бразил постојат 360 специјализирани полициски единици за поддршка на жени-жртви на семејно и сексуално насилство, а бројот на случаи пријавени во полиција се зголемува секоја година.

Во Канада, Кралската канадска коњичка полиција (Royal Canadian Mounted Police) изработи џебен „Водич за истражители за форензички докази“, наменет за употреба од сите службеници што работат на терен. Овој референтен водич наведува 16 од најчестите места на настан на кои службеник може да интервенира, како и видовите докази што најчесто се пронаоѓаат на такви места. Потоа, водичот наведува 76 од најчестите форми на докази и објаснува како секоја од нив треба да се собира, зачува и ракува со неа. Фотографии и едноставни дијаграми се користат низ целиот водич за да се илустрираат клучните точки и практики.

Лондонската метрополитенска полиција усвои „пристап насочен кон жртвата“ при истрагата на силување, што вклучува и воспоставување на три лондонски „претставништа за заштита“ („havens“). Услугите на овие претставништа им овозможуваат на жртвите пристап до медицинска грижа, форензички преглед и поддршка, при тоа останувајќи анонимни. Тие исто така обезбедуваат пристап до службеници специјализирани за истражување на сексуални деликти и помагаат на жртвите да побараат совети анонимно. Доколку форензичките докази од анонимни пријави се утврдени, здравствените работници можат да ги контактираат жртвите и да ги информираат дека постојат докази. Овој поддржувачки процес може да доведе до гонење на случаи кои инаку би останале нејавени. Секоја повреда на оваа доверлива услуга од страна на полицијата или претставништавата сериозно би ја нарушила довербата во услугите на претставништвата и во Метрополитенската полиција.

Покрај примерите погоре кои ги наведува Канцеларија на Обединетите нации за дрога и криминал во Виена во регионот позитивен пример е тој од Албанија каде е формиран Лилијан – прв кризен центар за жртви на сексуално насилство во Албанија. Центарот е создаден со цел да обезбеди интегрирана поддршка на жртвите – со медицински тим, психолошка поддршка, правно советување и можност за собирање форензички докази. Работи во мултидисциплинарен контекст во рамки на болнички систем и се базира на модел кој е поддржан од Министерството за здравство и социјална заштита со поддршка од UNDP.

Овој текст е сублимат на над 300 страници инструкци за деликатни и тешки разговори со фокус на жртвата и нејзината траума, а со цел постапката да биде објективна, корисна, но како таква да не предизвика нова повреда и двојна виктмизација. Направени од страна на релевантни институции меѓу кои Обединетите нации и Советот на Европа, по спроведени разговори со стотици жртви, терапевти…нуди чекори и лесно применливи совети кои може едноставно да се применат и адаптираат и кај нас.

Нивната примена во нашиот социјален контекст и истражни постапки би довела до поголема доверба на жртвите во системот, но и постепена трансформација на системот во посензибилизиран за траумата, нејзините последици и индивидуализиран, што ќе резултира со поголема отвореност на жртвата да проговори за трауматското искуство со насилството и што конечно, ќе ја направи постапката побрза и поефективна.

 

Оваа сторија е дел од проектот ReFrame: Stories That Bridge кој e финансиски поддржан од Европска Унија во рамки на Reporting diversity Network program. Содржината е одговорност на Мрежа Стела и не ги одразува ставовите на Европската Унија или на Reporting Diversity Network (RDN).

Back to top button
Close