Путин до Иран: Москва останува „лојален пријател и сигурен партнер“

Рускиот претседател Владимир Путин упати порака до иранското раководство, нагласувајќи дека Русија ќе остане „лојален пријател и сигурен партнер“ на Техеран, во време на засилени тензии и воени случувања на Блискиот Исток.

Како што соопшти Кремљ, Путин испратил честитки по повод иранската Нова година, до врховниот лидер Мојтаба Хамнеи и претседателот Масуд Пезешкијан.

„Во овие тешки времиња, Москва останува одан пријател и сигурен партнер на Техеран“, се наведува во пораката на рускиот претседател.

Москва воедно оценува дека нападите на САД и Израел врз Иран го довеле целиот регион на раб на ескалација и придонеле за глобална енергетска криза. Путин претходно го осуди и убиството на иранскиот врховен лидер, нарекувајќи го „циничен чин“.

Сепак, и покрај ваквите пораки, реалниот обем на руската поддршка за Иран останува нејасен. Според дел од иранските извори, Техеран досега не добил значајна конкретна помош од Москва во текот на најтешката криза од Исламската револуција во 1979 година.

Во меѓувреме, во јавноста се појавија информации дека Русија наводно понудила договор на САД – да престане со споделување разузнавачки информации со Иран, доколку Вашингтон ја прекине поддршката за Украина. Овие наводи беа демантирани од Кремљ.

Иако Русија и Иран имаат прогласено стратешко партнерство, тоа не вклучува клаузула за заемна воена одбрана. Москва исто така повеќепати нагласи дека не поддржува развој на нуклеарно оружје од страна на Иран, поради ризик од поширока нуклеарна трка на Блискиот Исток.

Извор: skopje1.mk

Back to top button
Close