Балканот – буре барут
Почитувани читатели, Балканот како еден од трите најголеми полуострови на Европскиот континент има вградено во себе силен цивилизациски развој. Модерната европска култура и историја почнала токму од Балканот.

Од античкиот период, време на силни антички градови, денес идентификувана како Грција, Античка Македонија, следат други цивилизации како Римската империја, Византија, Отоманската империја. Балканот е средиштето каде се среќавале сите можни култури. Со нивното спојување се подигнала севкупната цивилизациска вредност.
Хеленизмот ги спојува старата источна култура предводена од силната Персија и Египет со културата на денешните грчки, антички градови вклучително и Античка Македонија.
Улогата на целиот Балкан и на сите народи кои живееле на овие простори дале несомнено голем придонес во развојот на денешната, силна европска култура. Јавноста мора да знае дека во дамнешните антички времиња, денес најсилните европски држави живееле во тотален хаос, биле многубошци без некоја посебна култура. Повеќе или помалку владеело насилството.
Викинзите, тоа се скандинавски племиња кои се појавуваат меѓу 8-11 век , животот го граделе преку насилства. Цената за ова насилство ја плаќале денес големите европски држави како Германија, Франција, Велика Британија..
Насилството се појавува и меѓу Шпанците, после откривањето на Американските континенти. Конквискадорите вршеле терор и го убивале месното население на овие два големи континенти на Земјината топка.
За секој просветлен Балканец се поставува основното прашање: зошто и денес Балканот претставува буре барут за можни воени конфликти, додека некогашните диви воини како викинзи и конквискадори денес живеат во прекрасен, цивилизиран и модерен свет? Зошто Балканот не учи од историјата?
Дали Балканот е вечно буре барут или пропуштена шанса…
Иронија е што денес, токму наследниците на некогашните викинзи и конквискадори нѐ учат нас Балканците како да ја креираме нашата иднина за подобар, достоинствен и спокоен живот. Токму тука е Балкански парадокс, колевка на културата, политички незрела.
Од трите најголеми полуострови на Европскиот континент, Балканот и понатаму останува рак-рана за можни нови воени конфликти, растргнат меѓу минатото и неизвесната иднина. Заглавен во минатото, Балканот не може да расте.
Пиринејскиот полуостров има две држави Шпанија и Португалија кои живеат во прекрасни меѓусоседски односи. Шпанија како држава има внатрешни проблеми, меѓутоа истата успева да најде модел како да ги спои сите народи од Баски, Каталонци и Андалузијци во една заедница, создавајќи еден просперитет за достоинствен и цивилизиран живот на целата популација.
Благодарејќи на Гарибалди, Апенинскиот полуостров е денес една држава која со тек на време успеа да ги реши сите недоразбирања меѓу жителите на северниот и јужниот дел на овој прекрасен полуостров.
Пред 20 тина години мој добар пријател Италијанец од Милано, умееше да каже дека Италија јужно од Рим е „Чентрале Африка”. Денес истиот тој мој пријател е горд, бидејќи успешно се споија северот и југот на оваа држава градејќи заедничка иднина на сите жители од овој полуостров.
Балканот останува и натаму невротично буре барут. На овој полуостров и денес имаме 10 независни држави меѓу кои постои неразбирлива омраза. Причините може да ги разбере некој типичен заостанат Балканец.
Национализмот на Балканот е во епидемиолошки развој, иако целиот Балкан денеска е најслабо населен, по популација, полуостров во Европа. Сепак опстојуваат и натаму големо етничките територијални претензии.
Бугарија сонува за Санстефанска Бугарија, Грција сонува за комплетно припојување на Македонија, Албанија и Косово засега немаат претензии, ама бидејќи се заробени од претензиите на своите соседи и тие почнуваат да размислуваат за голема Албанска држава.
Босна и Херцеговина, заедно со Србија и Хрватска претставува нов голем предизвик. Нивната меѓусебна нетрпеливост уште повеќе го усложнува мирот на Балканот.
Почитувани читатели, јас сум Македонец и најнапред го барам мирот, спокојството на мојата Македонија.
Балканските војни кои се водеа во почетокот на минатиот век и денес претставуваат неискоренет мотив на нашите соседи.
Вчера во Атина на воена парада војската извикува дека Кипар и Македонија се Грчки! Ова се пароли на регуларна грчка војска.
Позадина мора да постои. Истовремено Градоначалникот на Тетово Билал Касами кој со своето политичко однесување не ја крие желбата за создавање голема Албанија, за квалификационите мечеви за учество на светско првенство во фудбал кои ги играа Албанија, Косово и Македонија, изјавува за Албанија дека му е жал што е елиминирана, притоа ја поздравува победата на Косово, а за Македонија молчи.
Во последно време се чувствува присуството на политиката на Србија, каде актуелниот претседател Вучиќ промовира свои нови партии во Македонија исклучиво наменети за бранење на интересите на српската популација во Македонија.
Соседна Бугарија не ги крие своите аспирации кон целата територија на Македонија.
Очигледно не сме извлекле поуки од историјата. Дозволивме да не водат луѓе низ сите Балкански држави кои не го надминале прагот и почнат да размислуваат за градење на една силна балканска заедница.
Целиот Балкански полуостров е богатство создадено и подарено на човекот. Почва, вода, сонце, дивеч, зеленчук, овошје сточен фонд… Со нивниот развој со неограничени можности се одржува нашиот Балкан, со култури и традиции многу слични меѓу сите верски и национални заедници. Преку историја се воздигнавме, но национализмот нѐ држи заробени во минатото
Зошто не умееме да пораснеме и да разбереме дека имаме должност на нашите поколенија кои доаѓаат да им оставиме во наследство, безбеден, спокоен и напреден живот, без разлика на нивната национална и верска припадност. Во спротивно ќе бидеме заложници на големите вреваџии кои врескајќи за големи држави ги пакуваат своите куфери пред да заминат на Запад.
Да не бидеме заложници на колективната апатија со нервозни индивидуалци.
Дали може и поинаку? Може, само ајде да пораснеме…





