Стојанче до сведокот Саздов: Дали со Ивана правевте план како да се ослободите од мене

Стојанче Јовановски кој е обвинет за наведување на самоубиство на неговата сопруга Ивана поставуваше прашања кон сведокот Мартин Саздов откако тој заврши со своето сведочење.
„Дали заедно со Ивана правевте план како да се ослободите од мене?“, праша Стојанче, на што сведокот одговори потврдно.
Стојанче потоа го праша Саздов дали ја принудувал Ивана да се дрогира и да биде со него, на што свеокот рече дека никогаш не ја присилувал Ивана на такво нешто.
„Јас никогаш не сум ја присилувал Ивана на такво нешто. Ивана ми кажуваше дека Стојанче ја терал да се дрогира кога доаѓал дома дрогиран и ја тепал. Јас се лутев зошто прави такво нешто, но таа рече дека мора да биде добра со него за да и го врати станот“, рече Саздов.
Стојанче го праша сведокот и дали ја присилувал Ивана на интимни односи и да се снимаат, а тој категорично негираше дека некогаш се случило такво нешто.
„Дали знаеш дека мојот телефон беше спарен со телефонот на Ивана и јас ја знам целата вистина во врска со тоа што планиравте да ми го направите и да се ослободите од мене?“, праша Стојанче Јовановски. Саздов пак, побара тоа да се докаже и обвинетиот да ги приложи тие докази.
Сведокот кажа дека кога таткото на Ивана починал, Стојанче искоментирал дека „таму му е местото“. Сведочеше дека еден ден Ивана му ги побарала нивните интимни видеа, со образложение дека многу и се потребни, а потоа дознал дека Стојанче ја присилувал да ја прати таквата порака.
„Откако и ги пратив на Ивана нашите видеа, таа ми кажа дека Стојанче ја уценува со видеата, дека ќе ги покаже на нејзините родители дека ќе ја прогласат за неморална жена, а од тоа многу се плашеше“, рече сведокот.






