Отворено писмо на Али Ахмети: Охридскиот договор е темел на оваа држава, a aлбанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се обрати со отворено писмо во однос на користењето на албанскиот јазик во кое уште еднаш кажа дека охридскиот договор е темел на оваа држава, a aлбанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот

Стабилните и одржливи држави се изградени врз јасни принципи, врз големи политички договори и врз меѓусебно почитување меѓу граѓаните и народите што ги сочинуваат. Кога тие принципи се зачувани и зацврстени, државата се движи напред; кога се релативизираат, се отвораат непотребни дебати што не им служат на никого.

Постојат прашања што не треба да се третираат со дневна страст, туку со зрелоста што ја бара државата. Постојат теми што не се ниту сопственост на партиите, ниту предмет на политички натпревари, туку дел од нашиот заеднички договор да живееме заедно, како еднакви во рамноправна и европска држава. Едно од тие прашања е статусот на албанскиот јазик како официјален јазик.

За мене, еднаквоста никогаш не била слоган. Таа е непроменливо политичко и морално убедување. Државата не станува силна кога едната страна се чувствува супериорна, туку кога секој граѓанин и секој народ се чувствуваат почитувани, признати и достоинствено претставени. Точно тука е значењето на јазикот: тој не е само средство за комуникација, туку израз на идентитет, достоинство и уставна еднаквост.

Албанскиот јазик за мене не е и никогаш нема да биде предмет на преговорање. Јас го кажав и ќе го повторувам без никаква резерва: Охридскиот договор е темел на оваа држава и кој го доведува во прашање, ја доведува во прашање самата иднина на државата. Албанскиот јазик не е привилегија, туку стекнато право загарантирано со Уставот. Секој обид да се релативизира или ограничи тоа право е директен предизвик на уставниот поредок и нема да помине без одговор.

Албанците во оваа земја никогаш не го оспорувале македонскиот јазик и македонскиот идентитет; напротив, постојано се определувале за заедничка, унитарна, евроатлантска и европска Македонија. Ова е вистината што треба јасно да се каже: еднаквоста на Албанците не ја ослабнала државата, туку ја зацврстила. Не го загрозила заедничкото живеење, туку ја направила поправична. Не ја разнишала западната ориентација на земјата, туку ја овозможила.

Верувам и цврсто стојам зад тоа: јазичната еднаквост е столбот на кој стои коегзистенцијата. Мирот и стабилноста не се градат врз доминација на едните над другите, туку врз реална еднаквост. Држава што не им зборува на своите граѓани на нивниот јазик не е рамноправна држава. Албанскиот не е товар за државата, тој е нејзина реалност и нераскинлив дел од нејзиниот институционален идентитет.

Затоа секој обид да се релативизира, намали или ослаби статусот на албанскиот јазик не е само правна расправа. Тоа е допир до рамнотежа изградена со многу политичка мудрост, одговорност и посветеност кон заедничката иднина. Намалувањето на јазичните права значи намалување на довербата. Кога довербата е загрозена, се оштетува самата кохезија на државата.

Со загриженост се следат и одредени пристапи на институциите, особено во Уставниот суд, кои создаваат непоколебливо уверување дека во чувствителни прашања за меѓуетничките односи не преовладува професионалниот и уставниот аргумент, туку етнички мнозинска логика, застарена која не се совпаѓа со духот на Охридскиот договор. Ова е причина за сериозна државна внимателност. Институциите, особено Уставниот суд, треба да бидат чувари на еднаквоста, а не простор каде што се доведува во прашање она што е стекнат стандард на демократската коегзистенција.

Дури и кога се зборува за советодавното мислење на Венециската комисија, треба да се каже целата вистина, а не дел што служи на политичката нарација. Комисијата не констатирала дека законот за употреба на јазиците е во спротивност со Уставот или со меѓународните стандарди. Оцените за практичната имплементација се однесуваат на потребата од капацитети, административна организација и финансиска поддршка. Тоа се задачи на соодветните институции. Во ниту една сериозна демократија, како што посочува и самата Венециска комисија, тешкотиите во примената не се користат за делегитимирање на самиот принцип на владеењето на правото.

Понатаму, меѓународните стандарди се минимални стандарди, не кров за права. Држава што тежнее кон Европа не треба да ги намалува веќе стекнатите права. Во тој контекст, албанскиот јазик како официјален јазик не е отстапка, ниту привилегија, ниту политичка милост. Тој е стекнато право, израз на мултиетничкиот карактер на државата и потреба за правичен и стабилен уставен поредок.

Секоја сериозна политичка партија што тврди дека е државотворна треба да размисли. Нетрпението не нè води напред. Реториката „можете да зборувате албански колку сакате, но има само еден официјален јазик” не е ниту модерна, ниту државотворна, ниту европска. Таа не носи мир, туку создава напнатост; не гради мостови, туку продлабочува поделби; не лечи, туку ги отвора раните што земјата скапо ги платила; и не ја зацврстува државата, туку го подрива самиот основ на коегзистенцијата.

Не сакам никој во оваа земја да се чувствува загрозен од еднаквоста. Ниту Македонецот од правата на Албанецот, ниту Албанецот од институциите на државата. Ова е вистинското значење на коегзистенцијата: да живееме со сознанието дека државата е на сите и дека никој не треба да бара почит како милост, туку да ја ужива како право.

Затоа денес е потребен мудар јазик, умерен пристап и историска одговорност. Треба да ги заштитиме македонскиот и албанскиот јазик, идентитетот на секој и достоинството на сите. Треба да ги заштитиме не само текстовите на законите, туку и духот на заедничката држава. Кога се штити еднаквоста, се штити мирот; кога не се допира јазикот на другиот, се зацврстува нашата заедничка држава.

Нема враќање назад! Стекнатите права не се предмет на преговори и не се укинуваат. Секој обид за ограничување на примената на албанскиот јазик е опасен регрес. Тие што денес зборуваат за ограничувања треба да знаат дека ги отвораат раните што земјата ги залечила со големи жртви. Со овие работи не се игра.

Овие права не се само внатрешно достигнување; тие се резултат на заеднички пат со нашите стратешки партнери, Европската унија, Соединетите Американски Држави и НАТО. Затоа нивната заштита не е само политичка обврска, туку државна и меѓународна одговорност.

Верувам во една Македонија што оди напред, а не назад. Во држава што не се плаши од еднаквоста, туку ја гледа како своја најголема демократска вредност. Во општество каде никој не се третира како граѓанин од втор ред и каде албанскиот јазик останува дел од уставниот поредок, дел од еднаквоста и нераскинлив дел од европската иднина на земјата.

 

Јас јасно кажав: не бараме повеќе од она што ни припаѓа, но нема да прифатиме ништо помалку. Еднаквоста не е опција, тоа е обврска. Денес проблемот не е законот, туку недостатокот на волја за негово спроведување. Законите не се применуваат сами по себе, туку ги применуваат институциите и луѓето кои треба да носат одговорност. Никој нема право да го блокира или игнорира применувањето на уставно загарантирано право. Тоа не е само кршење на устав и закон, тоа е кршење на довербата на граѓаните.

Уставниот суд треба да се откаже од тоа да биде параполитична институција и инструмент на дестабилизирачки агенди што ја разнишуваат уставноста и еднаквоста во земјата.

Ова е мојот став. Јасен, непоколеблив и непроменлив:

• нема иднина без еднаквост,

• нема еднаквост без достоинство,

• и нема достоинство без албанскиот јазик како официјален јазик. Кој го допре овој принцип, го допира самиот основ на државата

Back to top button
Close