Дали сакаме да сме во право или да сме во ЕУ?
Денко Малески
Дали сакате да сте во право или да сте во ЕУ, праша претседателот на Црна Гора Јаков Милатовиќ на предавањето пред студентите на Правниот факултет во Скопје. Што мислат студентите, никој не се потруди да дознае. Со искрени братски чувства, како што рече, Милатовиќ, како и Милановиќ од Хрватска неодамна, прецизно ја дијагностицираа слабоста на нашата надворешна политика изразена во еден фатален нормативизам. Нашата влада,имено, сака и да сме во право и да сме во ЕУ. Но, како што обично бидува во светот на меѓународната политика, тоа не е можно – едното го исклучува другото.

Има два вида спорови кои ги препознава светската организација, ми објаснија уште на прите средби во зградата на Ист Ривер во Њујорк на почетокот од борбата за нашата независност. Едните се правни и за нивно решавање има меѓународен суд Тоа, по правило, се едноставни спорови за чиј поволен или неповолен исход засегнатите држави не агонизират премногу. Вторите се политички спорови кои, со оглед на важноста за засегнатите држави, се решаваат не со суд туку со дипломатија, значи низ преговори и со компромиси.Нашите спорови со соседите се токму такви. Имаат длабоки историски корени и за засегнатите страни се од егзистенцијално значење.И ние, на почетокот на деведесеттите, се повикувавме на правото, се разбира, но, замислете што ќе беше со нашата држава ако не ја разбравме реалноста? Ако речевме дека не мрдаме ни милиметар и дека сме спремни да чекаме дваесет години за да докажеме дека сме во право? За политичарот,ништо полесно од тоа, ама тешко народот. Правото беше на наша страна при приемот во ОН и никогаш порано на идна држава членка не и било оспорено името. Но, свесни за изборот, повеќе сакавме да сме во ОН отколку да сме во право. Затоа што не ја сакавме нашата држава и сопствениот народ или токму спротивното? Причините зошто раководството на една непризнаена територија го избра членствот во ОН пред правото, мислам, не треба да ги објаснувам. Ќе го кажам само очигледното, дека таа политика ја помести државата напред, во признат фактор на меѓународната политика – во суверена држава. Сличен избор направи државното раководство кое го потпиша Преспанскиoт договор: одбра не да сме во право туку да сме во НАТО.
Една друга генерација наши полтичари е исправена пред истата дилема и денес. Ниту една држава нема право, на друга држава да и наметнува промена на устав. Тоа е суверено право на граѓаните на таа држава. Но, од промената на уставот зависи нашето членство во ЕУ. На потег е актуелното раководство на Република Северна Македонија.За жал, тоа веќе го има направено изборот и се е јасно: претседателката на републиката и премиерот сакаат повеќе да се во право отколку во ЕУ и народот е зад нив. Но и тие и народот треба да се свесни дека светот влегува во, за нашите генерации, невидена досега турбулентна и опасна 2026 година. Година на најбрутална геополитика во која силата е право (might makes right ). А, вон од ЕУ, Македонија е лушпа орев во немирен океан.






