Лидери или владетели, каде оди светот
Почитувани читатели, денешнава колумна ќе ја посветам на лидерството како најсилна алка во цивилизацискиот развој на човештвото.

Вообичаено, денес лидерството се практикува како алатка за личен или партиски интерес, параван зад кој се крие егоцентричност со умисла за незаменливост. Кога лидерот мисли дека е незаменлив не е лидер туку его-трип. Не може да биде лидер секој поединец, помалку или повеќе изнедрен од некоја политичка партија или институција.
Најсилна алатка за позицијата лидер, сепак е политиката. Мирот и просперитетот во светот исклучиво зависат од водечките структури и личности, така-наречени лидери на најсилните држави во светот како на економски, така и на воен план.
Вообичаено, кога светот има недостаток на вистински лидери, или дополнително, кога лидер станува човек на најсилните велесили во светот со очигледно нескриени желби за себе промовирање како незаменлива личност, светот ќе го однесе во силна криза и непредвидлива иднина. Впрочем, како ќе опстои светот кога е во рацете на суетата?
Господинот Трамп, актуелен претседател на САД, беше пречекан од севкупната светска заедница која тежнее кон мир, со нескриена поддршка. Ваквата поддршка од светската заедница ја доби од причина што во неговиот прв мандат како претседател на САД, ја промовираше идејата за мир во светот и елиминација на воени конфликти. Чист пример како лидерството станува ризик за човештвото.
Сите очекувавме, после неговото стапување на функцијата претседател, дека под итно ќе ја реши Руско-Украинската војна. За жал тоа не се случи.
Изминатите 15 месеци, од неговиот мандат како претседател, манифестира две силни карактерни особини кои за време на неговиот прв претседателски мандат успеа да ги сокрие од светската јавност.
Првата особина е личниот интерес и интересот на САД. Втората особина е неговата болна суета. Ја покажа преку два примера. Првиот пример е со доделувањето на Нобелова награда за мир за 2025 година, на лидерката на венецуелската опозиција Марија Корина Мачадо. Госпоѓата Мачадо му ја подари Нобеловата награда на господинот Трамп. Тој ја прими, за мене од неразбирливи причини, затоа што Нобеловата награда претставува награда за заслуги на поединец во сите сфери на нашето живеење, која не треба да се отуѓи од рацете на добитникот. Вината не ја гледам во госпоѓата Мачадо што му ја подари на господинот Трамп, бидејќи таа е жена која размислува за иднината на сопствениот народ во сопствената земја Венецуела. Вината ја гледам во претседателот Трамп, кој со двете раце прими туѓа награда за мир, како подарок.
Ваквиот чин на господинот Трамо за мене е беден. Не се работи за обичен подарок, не е шише виски, туку се работи за НОБЕЛОВА НАГРАДА која во светот сѐ уште важи за најсилна институција за промоција на човековите индивидуални вредности и општествени доблести.
Втората особина е личната суета поврзана со НАТО Алијансата. Неприкосновено е јасно дека САД е најсилната членка во оваа алијанса.
Денес довербата меѓу САД и европските членки на НАТО алијансата е разнишана. Зошто? Затоа што во моментов владее суетата на претседателот Трамп, бидејќи неговиот повик за учество во Израелско-Иранската војна од ЕУ членките не беше прифатен.
НАТО Алијансата полни 8 децении како е неприкосновена, најсилна воена сила во светот. Оваа сила која и ден денес е неприкосновена, градена е со взаемна доверба меѓу сите нејзини членки. Кога водечката сила на НАТО Алијансата ги потценува своите партнери, неминовно доаѓа до создавање на недоверба и можен распад.
Господинот Трамп внесе немир во НАТО Алијансата за нејзино натамошно опстојување. По мене ја разбуди ЕУ заедницата да почне да размислува за креирање на сопствен одбранбен систем кој нема да биде зависен од САД. Моќта, суетата и падот на довербата се трите елементи на неговото владеење.
Навредите на господинот Трамп кон неговите европски сојузници се страшно поразителни. Со Маршаловиот план, кој што господинот Трамп го смета како успех за воздигнување на ЕУ како помош од САД, после Втората Светска војна, по мене беше најсилен визионерски приод кон креирање на империјата САД која денес владее со светот. Со Маршаловиот план САД ја купија Европа како дестинација на инвестиции за американското стопанство. Развојот на сите европски земји после Втората светска војна беше под комплетна контрола на САД.
ЕУ заедницата до ден денешен беше најлојален партнер на Америка.
Филмската окупација на Венецуела од страна на САД, предводена од господинот Трамп покажа интересот не само за граѓаните на Венецуела, туку и за енергетските потенцијали кои ги има оваа земја.
Војната меѓу Израел и Иран поддржана од САД, повторно се водат за контрола на енергетските потенцијали од Блискиот исток, вклучително и Ирак, што на посреден начин ќе му овозможи преку воена сила да ги контролира енергетските ресурси во светот.
Господинот Трамп ја жртвува ЕУ заедницата и покажува интерес само кон Израел, бидејќи тоа е држава која води војна со севкупниот Арапски свет, вклучително и Иран, за своето опстојување на нивната некогашна територија.
Несомнено господинот Трамп преку контролата на енергетските потенцијали во светот ќе биде во состојба да ја издигне сопствената држава како неприкосновен владетел.
Очигледно денес САД е најмоќната сила во светот.
Со чекорите кои ги прави за создавањето на оваа моќ, светот во светски рамки не гледа со емпатија кон оваа држава.
Почитувани читатели, да се биде лидер е огромна одговорност и обврска, посебно лидер на најсилните земји во светот. Но ова, т.н. современото лидерство води кон распад на сојузништва.
Интересот е вечен кај сите империи во досегашната историја. Прикажувањето на интересот е многу суптилно, посебно во денешни услови. За мене вистински лидер, посебно на најсилните водечки сили во светот, треба да бидат поединци и тимови кои најнапред ќе го негуваат партнерството со своите вековни сојузници и никогаш нема да дозволат поради краток временски интерес иднината на својата држава да ја стават под знак прашање.
Не може да опстои империја која кај сите свои пријатели и непријатели создава несигурност. Како може светот да го разбере господинот Трамп, кој го жртвува вековниот партнер на САД како што е ЕУ заедницата, силна стопанска заедница во светски размери која денес брои 600 милиони луѓе, за мала државичка како Израел, кој денес брои само 8 милиони луѓе и која што во последниве неколку години прави вистински геноцид, страшно нехумани воени активности против палестинскиот народ .
Со господинот Трамп сме врсници, двајцата од бизнис заедницата, па кога би можел да допрам до него би му кажал да се врати на основните постулати во бизнисот кој е неговиот животен пат. За развој на економијата и човештвото, мирот е неприкосновен предизвик. Закопајте ја суетата во себе и практикувајте го интересот на еден цивилизиран начин, чувајќи си ги вековните пријатели.






