Македонска вртоглавица

Љупчо Поповски

Повозрасните читатели веројатно се сеќаваат на една реченица од почетокот на распадот на Југославија, која стана синоним како некои не може да го видат она што се случува. На авторот можеби помалку се сеќаваат. Реченицата гласеше вака:

„Ќе издржиме; ќе јадеме корења ако треба“.

Ја кажа Бранко Костиќ, последен претседател на Претседателството на Југославија (до јуни 1992), како претставник на Црна Гора. Костиќ го изрази овој легендарен „пркос“ во мај 1992 откако економската ситуацијата во федерација драматично се влошуваше по воведувањето на санкциите истиот месец. Се разбира, тој не јадеше корења, туку народот кој беше зафатен од воениот виор.

Многумина можеби ќе најдат допирни точки на „корењата“ на Костиќ со изјавата на македонскиот премиер  Христијан Мицкоски  од 29 март за трпеливоста што ја бара од граѓаните во наредните децении: „Ако треба, ние ќе чекаме децении, но политики кои директно влијаат врз нашиот идентитет а не нудат предвидливост и јасен крај на тој процес, јас сум кажал дека немам намера да ги прифатам додека сум претседател на Владата и по ниедна цена да влезам во таква авантура“.

Хм! Ќе чекаме со децении и нема да ги направиме уставните измени. Премиерот знае да зборува во шумови, она што во англискиот јазик за политиката се изразува како noise, можеби кај нас малку некалибрирано преведено како бучава. Таа „бучава“ претставува хаотичен звук што ја предизвикува воспоставената, конформистичка идеологија на владејачката моќ. Во таа „бучава“ Мицкоски вели дека ќе „чекаме со децении“ и во продолжението на реченицата тоа го поврзува со неговото извршување на функцијата премиер. Значи, на тоа место би требало да го гледаме со децении. Според неговите планови. Значи, обичниот народ овде ќе биде едноставно приморан да јаде балкански корења (се разбира, не и тие во универзумот на моќта), а оние стотици илјади со бугарски пасоши (а веќе Европејци) ќе се освежуваат со кроасан и кафе.

Откочена пушка

Не е сосема јасно дали Мицкоски во ден-два по изјавата го разбра нејзиното значење. Па претседателката на државата, Гордана Сиљановска-Давкова, за време на прес-конференцијата со нејзиниот црногорски гостин, Јаков Милатовиќ, се обиде да ѝ даде едно „кантовско“ толкување и да го ублажи негативниот ефект. Таа го понуди ова објаснување:

„Изјавата на премиерот беше во условна, во кондиционална форма ‘ако треба‘. Јас мислам дека ние, по Црна Гора, ако се споредуваме технички, длабоко сме навлезени во евроатлантскиот процес, низ реформска призма“.

Изгледа дека и претседателката во својата лежерна евроскептичност не ги разбира поривите на премиерот (кој е нејзиниот политички ментор), па Мицкоски утредента, на 1 април, прилично остро и како откочена пушка ја поправаше Сиљановска, како таа непријавено да влегла на гумното каде вршат неговите коњи. Не зборувал тој кондиционално, туку излезе со најтврд став досега во врска со уставните промени, велејќи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се помести ни милиметар ако нема гаранции: „Ќе чекаме, ако не ние, ќе го пренесеме тоа на оние што нас ќе нè следат. Ако и тие не успеат, и оние што нив ќе ги следат. Сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа без ВМРО-ДПМНЕ не бива. ВМРО-ДПМНЕ нема да влезе во каква било авантура сè додека нема јасен крај и сè додека не бидат гарантирани човековите права на македонската заедница кај нашиот источен сосед. Нема да се поместиме ниту милиметар“.

Оние приказни за мекотелни политичари, како и тие за растурачи на пердуви, мочуриште, се дел од неговиот вокабулар со кој сака да предизвика впечаток во јавноста, без оглед колку се празни тие зборови и без суштина. Но дали топовската канонада за милиметрите има суштина?

Има, ако тоа го гледате од негова гледна точка и од точката на мочуриштето во кое зацапала Македонија, а долу под нозете чувствува дека стапнала во жив песок.

Професорот Љубомир Фрчкоски оваа недела промовираше свој поткаст, што е малку невообичаено за политичките збиднувања во државава, и во емисијата велеше дека Македонците се наоѓаат стуткани во Платонoвата пештера додека пред влезот ги чуваат центурионите на ВМРО-ДПМНЕ да не го видат зракот на светлината. Тоа е негова аналогија.

Ако се споменуваат аналогии може да се изведе и онаа од филмот „Бен Хур“, каде мајката и сестрата на главниот јунак Јуда Бен Хур, во времето на Христа, се наоѓаат затворени во пештера во Јудеја наменета само за луѓе болни од лепра. Јуда Бен Хур (Чарлтон Хестон) најпосле ги спасува по бројни животни перипетии.

Два вида европски нации

Но има и други аналогии кои се прилично ововремски и многу реални. Или можеби подобро речено, студени отрезнувања. Една реченица на поранешниот дански министер за финансии, Кристијан Јенсен, кажана во 2017 во дебата за британскиот „Брегзит“, сѐ уште се споменува во анализите на политичките научници, а и политичарите. Сугерирајќи дека со „Брегзит“ деновите на Британија како глобална сила завршија, тој го кажа ова:

„Постојат два вида европски нации. Постојат мали нации и земји кои сè уште не сфатиле дека се мали нации“.

И додаде:

„Имав привилегија да се сретнам со Борис Џонсон кратко откако ја презеде функцијата. Боџо ми рече: ‘Ајде Кристијан, немој да бидеш толку тажен, мора да има нешто добро во врска со ‘Брегзит’. Јас само ја затресов главата и реков: Не. Нема ништо“.

Настаните подоцна покажаа дека Јенсен бил во право. Анкетите подолго време покажуваат дека европскиот блок во Британија сега е помоќен од „брегзитерскиот“. Но за политиката, а и за премиерот Кир Стармер, изгледаше како ерес и несигурна територија да се зборува за многу поблиски односи со ЕУ. Тие денови поминаа од 28 февруари наваму со војната на САД и Израел против Иран. Стармер во средата изјави дека глобалната нестабилност предизвикана од војната со Иран значи дека Велика Британија треба поблиску да соработува со Европската унија за безбедносни и економски прашања наместо со САД. Тој рече дека конфликтот ја пренасочил владата кон „амбициозни“ нови врски со Европа, економски и во одбраната, и рече дека начинот на кој Велика Британија ќе излезе од кризата „ќе нè дефинира за една генерација“.

По само ден-два дена сојузничките односи меѓу Лондон и Вашингтон доживеаја ново ниско ниво откако американскиот претседател го исмеа британскиот премиер затоа што се консултирал со својот тим за воени одлуки, во потсмешливо имитирање. Трамп го имитираше Стармер со слаб глас за време на говорот за велигденски ручек во Белата куќа и рече дека Велика Британија „не е наш најдобар“ сојузник, откако премиерот одби да им дозволи на САД да ги користат британските воени бази за нивните првични напади врз Иран.

Стармер, во кого македонските власти најдоа стратешки партнер за економски развој и безбедносни прашања, вели дека оваа криза на Блискиот Исток и одбивањето на Европа и речиси на сите членки на НАТО да ја прифатат војната на САД и Израел против Иран како нивна, „ќе нè дефинира за една генерација“. Македонскиот премиер не мисли дека вакви кризи ќе ја дефинираат оваа држава за една генерација. Тој вели дека отпорот кон уставните измени ќе ја дефинираат Македонија во неколку генерации. И дека само ВМРО-ДПМНЕ во оваа држава има право да прогнозира и дефинира што ќе се случува во иднината.

Во основа тоа е страв од иднината, кој создава вртоглавица. Се чини дека нема подобро објаснување за македонската вртоглавица од она што го дава чешкиот писател Милан Кундера:

„Вртоглавицата не е страв од паѓање. Туку, тоа е желбата да скокнеме против која се бориме во исто време кога ја гледаме привлечноста на длабочината“.

Не е лесно да се објасни каква е оваа желба за паѓање што ја опседнува Македонија. Сигурно не е таа да се јадат корења, ниту да се претставуваме како херои маченици. Дали е тоа страв од иднината, која ние не можеме да ја контролираме според македонските узанси? Дали ние не можеме да препознаеме колку е силна компресијата на времето во неверојатно брзиот развој на настаните? Изгледа неверојатно дека администрацијата на Доналд Трамп е на власт само 14 месеци, а имаме чувство дека таа е тука веќе цела деценија. Дека таа се откажа од европските сојузници и дека речиси нема интерес за она што се случува на континентот. А уште помалку на Балканот. САД немаат амбасадори во Србија, Босна и Херцеговина, Црна Гора, Македонија, Албанија, плус Бугарија. Сето тоа покажува дека за Вашингтон регионот е прилично низок приоритет.

По падот Берлинскиот ѕид во деведесеттите, а и десетина години подоцна, ако бевте од Источна Европа кога ќе одевте во Вашингтон секогаш имаше некој висок американски функционер кој ќе ве прими. Сега во Вашингтон сцената се главни Латиноамериканците. За нив во Стејт департментот секогаш има простор и време. Марко Рубио е нивната главна порта. Работите се драматично променети. Изгледа дека македонските власти не можат да го сфатат тоа опиени дека Македонија е стратешки партнер на САД и дека по секоја цена мора да се следи американската политика, како да сме пловечки европски остров. Тоа е драматично неразбирање на нештата. Тимчо Муцунски уште првиот ден побрза да ги поддржи Америка и Израел во нивната војна против Иран со јавни изјави. Пет недели подоцна работите се неверојатно променети. Изгледаше дека нашите политички „стратези“ мислеа дека војната во Иран ќе биде како неколкучасовната интервенција во Венецуела и дека сѐ ќе заврши според најавите на Трамп – за недела или две. Сега македонската дипломатија молчи и мисли како да го најде патот да не излета од европскиот друм.

Која е целта?

Симптомот на македонската вртоглавица многу експресивно се прикажа за време на обраќањата на Гордана Сиљановска-Давкова и Јаков Милатовиќ пред студентите на Правниот факултет. Македонската претседателка зборуваше низ какви сѐ небиднини поминала Македонија во овие 20 години на патот кон ЕУ, па сепак останала во немилост на Унијата (поради грчкото, француското и бугарското вето). Па за тоа колку пати сме го промениле уставот, па за тоа како бил забележан регрес во владеењето на правото кај некои земји членки. Па дека забележала авторитарни тенденции некаде во блокот – „ќе препознаеме однесувања што потсетуваат на каудиљизам, на цезаризам, на бонапартизам“ – па Хантингтон, па Стразбур, па македонското малцинство во Бугарија, па ова па она. Повторно зборуваше како професор на научна конференција, а не како политичар кој е на чело на државата. Еве поминаа две години, а таа изгледа не може да избега од тоа.

Милатовиќ зборуваше како политичар кој е на чело на Црна Гора. Па спомена четири сценарија во процесот на евроинтеграција со кои се соочуваат кандидатите на патот кон ЕУ. Во нив учтиво беа споменати и искушенијата на Македонија. Но неговиот говор имаше порака дека државата на чие чело е, има цел – Црна Гора си постави амбиција да стане 28. држава членка на ЕУ до 2028 година.

Каква цел си имаме поставено ние? Со децении и генерации да се спротивставуваме на промената на уставот? Дека „сите во светот треба да знаат, и македонските граѓани, дека таа работа (промена на уставот) без ВМРО-ДПМНЕ не бива“. Изгледа дека овде не можат да ја разберат пораката на поранешниот дански министер Јенсен – дека постојат мали нации во Европа и земји кои сѐ уште не сфатиле дека се мали нации.

Мислевме дека го познававме светот околу нас, како што некои во власта сега мислат дека разбираат кон каде оди тој. И особено Европа. Сега се гледа дека ништо не разбрале. Францускиот амбасадор Кристоф ле Риголер, во интервјуто за Радио Слободна Европа пред да биде затворено, работите ги кажа на брутален начин. Дека продолжувањето на патот кон ЕУ оди преку уставните измени, точно како што е предвидено во Преговарачката рамка; дека е невозможно да се добијат дополнителни гаранции од Брисел поради сложениот процес на одлучување во Унијата. И дека предвидливоста што го бара македонската влада веќе ја нуди Преговарачката рамка. И дека поради широкото мнозинство на владата во Собранието релативно лесно би се спровеле уставните амандмани и со тоа Македонија ќе влезе во нова, позитивна динамика.

Но, бадијала се овие зборови и сите други пораки што досега беа кажани од ЕУ и земјите членки. Ние влеговме во спиралата да бидеме жртви на претераниот песимизам. Како што би рекол бугарскиот политички научник Иван Крастев: „Тоа ме потсетува на човек кој сака да се самоубие поради страв од смртта“.

Љупчо Поповски

Извор: dw.com/mk

Back to top button
Close