Предизборни игри со гасоводот – Србите го демантираат Орбан: Украина нема никаква врска со експлозивите

Српскиот воен врв објави дека Украина не стои зад инцидентот со експлозиви пронајдени во близина на гасовод до Унгарија, што е спротивно на алудирањето на унгарскиот премиер Виктор Орбан за вмешаност на Киев.
Српскиот претседател Александар Вучиќ, вчера изјави дека властите пронашле „експлозивен материјал со разорна моќ“ во близина на гасовод што носи руски гас до соседна Унгарија, една недела пред општите избори во земјата закажани за 12 април, пишува бриселски Политико.
Откако свика итен состанок на Националниот совет за одбрана, Орбан вчера изјави дека српските власти откриле „саботажна операција“ во Војводина. Тој го поврза ова со Украина, која, според него, „со години работела на одвојување на Европа од руската енергија“ и претставувала „директна закана за Унгарија“, иако не упати формално обвинение против Киев.
Сепак, Ѓуро Јованиќ, директор на Белградската воена безбедносна агенција (ВБА), синоќа изјави дека „не е вистина дека Украинците се обиделе да го организираат“ заговорот, кој вклучувал „специјално спакувани и херметички затворени експлозиви со капачиња за детонатори“.
„Производителот на експлозивот не мора да биде нарачател или извршител“, рече Јованиќ, додавајќи: „Ознаките на експлозивот укажуваат дека е произведен во САД“.
Тврдењата на Орбан за саботажа беа дочекани со скептицизам и од неговиот главен противник на изборите во недела, Петер Маѓар, кој се стреми да го собори прорускиот премиер.
Маѓар рече дека Орбан, кој ги направи енергетската безбедност на Унгарија и острите конфликти на Будимпешта со Киев камен-темелници на својата кампања, можеби спроведува операција „под лажно знаме“ со „помош на српски и руски актери, поради падот на поддршката за неговата партија Фидес“.
„Доколку Виктор Орбан и неговата пропаганда ја искористат оваа провокација за изборни цели, тоа ќе биде отворено признание дека ова е однапред планирана операција под лажно знаме“, додаде Маѓар.
Портпаролот на украинското Министерство за надворешни работи „категорично“ негираше каква било одговорност и ги осуди обидите за „лажно поврзување на Украина“ со инцидентот, додавајќи дека наводниот заговор „најверојатно бил руска операција со лажно знаме“ пред изборите.
Според анкетата на Политико, Орбан и неговата партија Фидес значително заостануваат зад опозициската партија Тиса на Маѓар на изборите следната недела.






