Финансиски земјотрес !? Законот за пушење удира по буџетот и работните места!
Во време кога економијата бара стабилност, најавениот Закон за заштита од пушење отвора сериозни прашања за неговите финансиски ефекти. Потенцијалниот пад на приходите од акцизи и даноци може да остави значителен белег врз буџетот.

Рестрикциите што се планираат – од ограничување на продажбата до забрана на одредени производи – не влијаат само на индустријата, туку и на јавните приходи. Според достапните податоци, околу 400 милиони евра се слеале во буџетот во 2025 година од овие извори, што ја покажува тежината на ова прашање.
Околу 275 милиони евра биле собрани од акцизи, приближно 60 милиони евра од данок и десетици милиони евра поради останатите активности на компаниите од тутунската индустрија.
Надлежните органи немаат конкретен одговор како Законот ќе се одрази врз приходната страна на буџетот. Во првичната верзија на текстот кој беше објавен на ЕНЕР, дури и пишуваше дека Законот нема да има финансиски импликации врз буџетот, и покрај фактот дека високи суми ќе останат ненаплатени и дополнително се очекува силно да бидат погодени повеќе индустриски гранки и да има отпуштање на вработени. Дел од бизнисите веќе реагираа дека нивните забелешки не биле земени предвид. Министерот за здравство Азир Алиу, во последната изјава, го избегна одговорот на новинарското прашање за финансиските импликации и единствено кажа дека Законот наскоро ќе се разгледува на владина седница.
„Ние цело време се синхронизираме и имаме координација со сите владини и невладини институции и со бизнис заедницата. Веќе законот е при крај“, рече Алиу.
Ударот по буџетот од Законот за заштита од пушење доаѓа во период кога власта веќе ги намали акцизите за бензинот и дизелот, поради воените активности на Блискиот Исток. Владата претходно со мерка го намали и данокот за овие горива, со што се откажа од прилив од десетици милиони евра. Случувањата ќе влијаат и на економскиот раст, кој властите го проектираа на 3,7%. Според последната анализа, ММФ очекува шокот од цените на енергијата, кој произлегува од конфликтот на Блискиот Исток, да влијае врз растот и да ја забави економската активност и да ја задржи инфлацијата на повисоко ниво подолго време. Фондот проектира реалниот раст на БДП да забави на 3,1 процент во 2026 година. Покрај тоа, буџетот оваа година го очекуваат и враќање на рати од кредити во износ од 2,5 милијарди евра. Од друга страна, буџетскиот дефицит е проектиран на 3,5% или околу 650 милиони евра, но е веројатно да биде корегиран во нагорна неповолна линија со предвидениот ребаланс на буџетот.
Додека траат неизвесностите на глобално ниво, кои секако лошо ќе се одразат дома, власта со најавениот Закон ризикува до 10% приход годишно само по основ на акцизи од тутунски и сродни производи. Од цената на една кутија цигари, дури 73% се средства кои завршуваат директно во државната каса. Во последните пет години, само од акцизи, државата наплатила една милијарда и 122 милиони евра.
Но, заканите по буџетот и економската активност се уште поголеми ако се земат предвид индиректните последици, како што се стравувањата за отпуштање на работници. Рестриктивните мерки значително ќе се одразат врз тутунската индустрија, но и врз малите трговци и угостителите. Во угостителската дејност работат над 30 илјади лица. Коментирајќи го актуелното законско решение од 2010-тата година и ова што се најавува сега, претставници на Туристичко-угостителската комора оценија дека отпуштања ќе има.Од Сојузот на стопански комори претходно веќе апелираа да не се брза со спроведувањето на законот, бидејќи очекуваат силен потрес по буџетот.
„Огромен број од колегите отпуштаа вработени и претрпеа огромни економски последици. Сега, очекуваме во помал обем да биде тоа“, истакна Перица Голомеиќ од ТУК во телевизиско гостување.
Со маки се соочуваат и малите трговци, кои освен што ќе го намалат асортиманот на производи ќе треба и да го преуредуваат просторот. Сопствениците на трафики, киосци и мали продавници велат дека се загрозени 4.000 малопродажни објекти, а голем дел од нив се семејни бизниси.
„Предложените измени не носат суштински промени и оставаат илјадници семејни бизниси пред ризик од затворање… Уште при објавувањето на првичната верзија на законското решение укажавме дека дел од мерките ќе предизвикаат големи финансиски загуби, отпуштање вработени и затворање на дел од малопродажните објекти. Нашата економска одржливост директно зависи од продажбата на тутунски и сродни производи. Овие производи претставуваат клучен извор на приходи, особено поради долгорочните договори со добавувачите“, истакнаа малите трговци во реакцијата.
Дополнителен проблем ќе биде и веројатното зголемување на сивата економија. Примерите од останатите земји кои вовеле ваков закон, покажуваат дека ригорозните мерки го стимулираат црниот пазар. Односно, се зголемува присуството на шверцувани никкотински производи. Тоа неминовно ќе доведе до раст на сивата економија која кај нас според проценките варира околу 30% и е секако во износ од над 700 милиони евра годишно. Легалниот пазар би можел да биде сериозно загрозен, а државата може да загуби десетици милиони евра поради ненаплатени давачки од акцизи, царини, ДДВ… Од Групацијата за производство на цигари и Здружението на производители на тутун при Стопанската комора на Македонија, неодамна соопштија дека новиот закон воведува несразмерни ограничувања кои го нарушуваат легалното работење на индустријата и создава сериозни последици што ќе се почувствуваат многу брзо.
„Предложените мерки не водат кон намалување на употребата на тутунски производи, туку поттикнуваат одлив кон сивата економија, која веќе достигнува 13–14% од пазарот, со неконтролирана продажба, небезбедни производи, прекугранично снабдување и сериозни загуби за буџетот. Нашите анализи укажуваат дека прекумерните рестрикции, во споредба со други примери, не ја намалуваат преваленцата на пушење, туку доведуваат до раст на нелегална трговија со тутунски и никотински производи и снабдување со производи од соседни држави со непроверен квалитет и доведување во ризик на здравјето на граѓаните од производи кои не ги поминуваат потребните проверки за безбедност и квалитет“, потенцираат од Групацијата.
Освен последиците по здравјето поради употреба на непроверени производи од црниот пазар, од Групацијата укажаа и на сериозен пад на буџетските приходи, на сметка на раст на нелегалната трговија и нарушување на целиот синџир на вредност. Тие потсетуваат дека тутунскиот сектор претставува значајна економска гранка која опфаќа земјоделство, откуп, преработка, индустриско производство, извоз, хотелско-ресторантска дејност, логистика и над 5.000 малопродажни објекти.






