Македонска Каменица подготвена за третото издание на велосипедската тура околу Калиманско Езеро

Македонска Каменица е подготвена за третото издание на велосипедската тура околу Калиманско Езеро. Годинава како што најавуваат организаторите, велосипедската тура ќе биде со зголемена должина од дополнителни 10 километри и со што должината на целата патека изнесува 46 километри.
-Генерален спонзор на трката годинава е компанија од Македонска Каменица која успешно работи во Белгија. Пријавувањето за учество на велосипетската тура е во периодот од 09:00 до 10:00 часот, пред стартот на турата на самиот ден на одржувањето 6 септември 2020 година. Почетно и крајно собирно место е Паркот на рударите во Македонска Каменица, од каде велосипедистите ќе се придвижат кон почетокот на турата кај браната на езерото Калиманци. Учесниците кои немаат навршено 18 години, можат да учествуваат единствено со присуство на родител или старател. За сите кои ќе се пријават најдоцна пред почетокот на трката задолжително е поседување на заштитна „кацига“ и дополнителна индивидуална додатна опрема, информираа организаторите.
Велосипедската тура како што додаваат тие е рангирана со средна тежина за возење.
-Се работи за тура од ранг 5 која со таканаречена средна тежина за возење во чии рамки се вклучени неколку попатни станици за краток одмор и пунктови со освежителни пијалоци за учесниците. Официјалниот дел од турата започнува кај браната на Калиманско Езеро и продолжува се до спојот на локалниот пат од село Илиово и магистралниот пат Македонска Каменица – Делчево, каде и завршува. Потоа, на враќање кон Македонска Каменица, велосиедистите ќе имаат можност да уживаат во живописните глетки кон Калиманско Езеро движејќи се преку селата Тодоровци и Луковица (маало Колашки, Паламарско маало и Луковичко поле). Враќањето кон Македонска Каменица е планиран преку главниот пат низ село Луковица, се до Паркот на Рударите, додадоа од организациониот одбор.
Огранизаторите упатија апел до учесниците за строго придржување кон пропишаните протоколи и мерки за заштита од Ковид 19. За учесниците ќе бидат обезбедени средства за дезинфекција на почетокот и крајот од турата, но потребно е истите со себе да носат заштитни маски и постојано да одржуваат минимум потребно физичко растојание. Настанот е поддржан од Општина Македонска Каменица.






