Првични резултати: Орбан губи, Маѓар во предност

Се бројат гласовите од изборите во Унгарија.
Според првите пребројани гласови, опозициската партија на Петер Маѓар има предност во мандатите пред владејачкиот Фидес на Виктор Орбан. Изборниот ден помина во знакот на масовна излезност од речиси 78 отсто.
Врз основа на првите официјални податоци од 6,56 отсто обработени гласови, опозициската партија Тиса оствари неочекувано убедливо водство во бројот на мандати.
Моментална распределба на мандатите: во унгарскиот парламент кој брои вкупно 199 пратенички места, првичните резултати ја покажуваат следната слика:
* Тиса: 110 мандати (39 од листите, 71 од поединечните изборни единици)
* Фидес–КДНП: 71 мандат (45 од листите, 26 од поединечните изборни единици)
* Ми Хазанк (Наша Татковина): 9 мандати (сите од листите)
Трендот на овие првични резултати покажува дека Тиса доминира во гласањето по изборни единици (мнозински систем), додека листата на Фидес на Виктор Орбан сè уште има предност кај пропорционалниот систем.
Овие избори ќе останат запаметени по исклучително високиот одзив на граѓаните. До 18:30 часот на гласање излегле дури 77,8 отсто од запишаните гласачи, што е за околу 12 проценти повеќе во споредба со изборите пред четири години. Експертите сметаат дека токму високата излезност е резултат на силната мобилизација на гласачите од страна на двете спротивставени страни.
Изборниот штаб на партијата Тиса, сместен на брегот на Дунав, директно наспроти зградата на Парламентот, веќе е во еуфорично расположение. Собраните симпатизери и поддржувачи на Петер Маѓар со нетрпение ги очекуваат новите податоци, а атмосферата е како веќе да е прогласена изборна победа.

Лидерот на Тиса, Маѓар, во текот на целиот ден беше активен на социјалните мрежи, укажувајќи на неправилности, што според некои аналитичари беше тактика за дополнително мотивирање на гласачите.
Се очекува конечните резултати да пристигнат во текот на ноќта, кои ќе потврдат дали Унгарија навистина стои пред историска политичка промена или Фидес ќе успее да ја намали разликата со гласовите од дијаспората и преостанатите изборни единици.
Извор: skopje1.mk






