Kрај за Орбан: Унгарија и Европа може да воздивнат

Кратко потоа улиците на Будимпешта и други градови низ земјата беа преполнети со толпи луѓе што слават, особено многу млади. Десетици илјади го прославија крајот на режимот на Орбан.
Вакви сцени во земјата немало од 1989/90 година. Најголемите независни новински портали пишуваат за „крајот на произволното владеење“ и „падот на режимот на Орбан“, или едноставно насловуваат: „Дојде крајот“.
Емотивни реченици, без одмазда
Во меѓувреме, Петер Маѓар пред илјадници поддржувачи одржа 40-минутен победнички говор исполнет со многу емотивни реченици и големи ветувања, но без триумфализам или желба за одмазда, говор со вешти најави и помирувачки тонови спрема гласачите на Орбан. „Од денес па натаму, земјата живнува“, вели Маѓар и додава дека „добивме историско полномошно да направиме функционална и хумана Унгарија. Ќе работиме секоја минута и секој момент за да ја заслужиме таквата доверба“. Кога вели дека Унгарија сака повторно да биде европска земја и силен партнер во НАТО и ЕУ, од толпата скандираат „Руси одете си!“, и подоцна „Европа! Европа!“. Маѓар од најважните државни функционери, меѓу кои и претседателот, главниот државен обвинител и двајцата највисоко рангирани судски функционери ги прозва да си дадат оставка и вети дека ќе биде повторно воспоставен системот на контрола и рамнотежа. Истовремено им се обраќа на гласачите на Фидес со зборовите дека „јас ќе бидам и ваш премиер и ќе се погрижам меѓусебно да може да се прифатиме, дури и кога имаме различни мислења“.

„Ново сметање на времето“
Многу унгарски политиколози во своите почетни анализи доцна во неделата навечер не штедеа на суперлативи. На пример, истражувачот Роберт Ласло од Институтот за политички капитал на порталот Телекс зборуваше за нова ера и дека со двотретинско мнозинство на Тиса може да започне „демонтирањето на режимот на Орбан“. Политикологот Даниел Рона за поразот вели дека „Орбан треба да погледне во огледало“. Изборниот резултат и де факто може да се разбере само со навраќање на годините на ароганција, автократија и злоупотреба на моќта под режимот на Орбан. Тој ги исчисти државата и администрацијата од нелојални службеници, го стави судството и најголемиот дел од медиумите под своја контрола, но сепак постојано тврдеше дека Унгарија е најслободната земја во Европа. Тој воспостави најдлабоко корумпиран систем, но сепак трубеше дека никој не ги брани националните интереси подобро од него. Под Виктор Орбан уште од 2010 година по првата победа на Фидес со двотретинско мнозинство, сите критичари се сметаа за предавници и непријатели на нацијата. 16 години земјата живееше во постојано ширење омраза, што неодамна ескалираше во апсурдните скандалозни обвинувања против Украина. Орбан истовремено со години на понижувачки начин се здружуваше со рускиот диктатор Владимир Путини други автократи.
Многу околности се поклопија
Многу унгарски аналитичари сметаа дека веќе не е можно Орбан мирно да се симне од власт, но навидум невозможното сега се случи и една демократска опозициска партија освои историско двотретинско мнозинство. Тоа се должи на многу фактори како длабоката желба на големото мнозинство веќе да не живее во системот на Орбан; нерамноправниот изборен систем што на крајот се сврте против самиот Орбан; талентиран и харизматичен политички лидер и повлекувањето на речиси сите други опозициски партии од изборите. И сè поотворената поддршка од Русија и САД за Орбан веројатно имаа контраефект за автократскиот премиер.

И за Путин и за Трамп изборниот пораз на Орбан е тежок личен пораз, бидејќи двајцата отворено го поддржуваа – а, во случајот на Русија, и со прикриени средства. Дали поразот на Орбан го најавува крајот на популистичкиот десничарски конзервативизам и десничарски екстремизам во Европа, е тешко да се процени. Истакнат пропагандист на режимот на Орбан во неделата вечерта рече дека Унгарија беше „бастион на патриотите“, но сега падна и со тоа „долгорочно и надежта да се направи Европа од силни национални држави“.
Петер Маѓар пак доби честитки од бројни европски влади доцна во неделата, веројатно поврзани и со надеж дека времињата на вето, постојани блокади и ширење омраза е завршена и дека ЕУ ќе се врати во нормала. Колку брзо и успешно може да се одвива системска промена во Унгарија, не може да се предвиди. Публицистот и главен уредник на неделникот ХВГ, Мартон Гергели, изрази надеж дека Петер Маѓар нема да го злоупотреби своето огромно парламентарно мнозинство. Сега Маѓар треба да докаже дека ќе ја изгради демократијата, иако според Гергели, „со оглед на бројките, нема потреба од неа“.







