Се наметна наратив дека имаме огромни плати – културните работници на протест побараа почитување на Колективниот договор

Синдикатот за култура на Македонија (СКРМ) денеска одржа протест пред Министерството за култура и туризам, од каде порачаа дека не бараат нови права, туку почитување на веќе постигнатите договори.

Од денешниот протест на СКРМ пред Министерството за култура и куризам / Фото: Принтскрин

„Ние не бараме ништо повеќе, бараме да ни се остави тоа што веќе сме го договориле“,

порачаа од СКРМ на протестот.

Оттаму велат дека процесот на преговори за нов Колективен договор не смее да биде параван за прикривање на вистината.

 

Протестот, како што наведоа културните работници, е насочен против одлуката на Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Колективниот договор за култура, како и поради, според синдикатот, прекршување на договорениот начин на пресметка на платите.

Претседателката на СКРМ, Верица Атанасовска, изјави дека Уставниот суд не смее да биде алатка за реваншизам, нагласувајќи дека синдикатот поднел околу 800 тужби откако, според неа, биле затворени каналите за дијалог со институциите.

Гоце Павловски од СКРМ оцени дека проблемите во културниот сектор траат со децении и дека актуелната ситуација е само нивна кулминација, додека Сања Арсовска посочи дека се создава погрешен наратив за висината на платите во културата.

„Се наметна наратив дека ние во културата имаме огромни плати и при тоа тој наратив го наметнаа тие што земаат 10 пати поголеми плати од нас. Но, наместо да се борат да го достигнат нашето ниво, тие се борат тоа што ние сме го постигнале да ни го одземат“,

рече Арсовска од СКРМ.

Од денешниот протест на СКРМ пред Министерството за култура и куризам / Фото: Принтскрин

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков оцени дека протестот има политичка позадина, посочувајќи дека претходно биле одржани средби со синдикатите и дека започнал процес на дијалог за надминување на спорните прашања околу Колективниот договор.

„Тоа е политичко делување, а не синдикално, што се потврдува во изминатиот период“,

изјави Љутков, додавајќи дека очекува продолжување на преговорите во интерес на вработените во културниот сектор.

Поддршка на протестот даде и Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ).

Синдикатот на културата во март поднесе кривична пријава против министерот за култура и туризам Зоран Љутков за злоупотреба на службената положба и овластување и за повреда на правата од работен однос.

Тој, пак, на прес-конференција соопшти дека никој од вработените во културата не е обесправен и сите се третираат според законите и правилата.

Посочи дека привилегиите што ги бараат одредени групи се надвор од законските рамки.

Back to top button
Close