Стафа вчера бил преместен во затворот во „Шутка“, треба да одлежи една година и три месеци
Од Кривичниот суд информираат дека адвокатот Фехми Стафа, а поранешен државен правобранител, вчера е префрлен во затворското одделение во затворот „Скопје“, каде што треба да издржи казна затвор од една година и три месеци. Тој беше осудан со спогодба, во која признава вина дека земал 50.000 евра за да влијае врз судија во Апелација за да му го укине притворот на неговиот клиент Љупчо Пецов-Ѓаволот.

-Во однос на предлог спогодбата, склучена меѓу надлежниот Јавен обвинител и обвинетиот Ф.С., поранешен државен правобранител, обвинет за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од чл.359 ст.7 в.в со ст.2 од КЗ, ја информираме јавноста дека до Основниот кривичен суд Скопје, во текот на вчерашниот ден е доставена предлог спогодба за понатамошно постапување. Судот ја разгледа предлог спогодбата и утврди дека се исполнети Законксите одредби од ЗКП, па заради тоа ја верификување спогодбата.
Имајќи предвид дека странките немаат право на жалба, одлуката станува правосилна веднаш и осудениот уште во текот на вчерашниот ден е спроведено во Казнено-поправната установа Затвор Скопје – Скопје за издржување на изречената казна, информираа од Кривичниот суд.
Оттаму ја објавија и склучената спогодба во која стои:
„Откако судот пристапи кон увид и во доставените докази од страна на јавниот обвинител, заради утврдување дали постојат доволно докази за вината на обвинетиот, утврди дека е оправдано изрекувањето на предложената кривична санкција по однос на видот и висината на кривичната санкција па одлучи да ја прифати предлог – спогодбата и донесе пресуда со која обвинетиот Ф. С. го огласи виновен за кривично дело – Примање награда за противзаконито влијание од чл.359 ст.7 в.в со ст.2 од Кривичниот законик, го осуди на казна затвор во траење од 1-една година и 3-три месеци, во која казна му се засмета и времето поминато во притвор“.
Во спогодбата се опишува и кривичното дело кое го сторил Стафа.
„Во периодот од октомври до 13.12.2025 година обвинетиот Ф. С. примил вкупен износ од 50.000 евра за посредување со искористување на своето реално влијание да винтервенира кај Ѓ. Р., како судија во Апелациониот суд и за со поткуп кон судијата да влијае за да се изврши службено дејствие што не би смеело да се изврши и тоа за во конкретниот предмет за лицето Љ. П. кој како осомничен во друга постапка која ја води ова обвинителство за кривични дела против јавните финансии, платниот промет и стопанството, со решение на судија на претходна постапка, да влијае за мерката да ја укине, или замени со поблага. Така што од лицето Љ. П., кој бил недостапен на органите на кривичен прогон, обвинетиот Ф. С. побарал износ од 100.000 евра за да му се укине определената мерка, па на 06.10.2025 година примил дел од побараниот износ и тоа 30.000 евра, кој по насоки на лицето Љ. П., кој не бил во нашата држава ги предала на обвинетиот неговата сестра, сведокот А. М.. А остатокот од парите било договорено да се предаде потоа и на 13.12.2025 година директно побарал и примил уште 20.000 евра како дел од поткупот кој го барал за да го даде на судијата, како половина од вкупниот износ, па според ветеното по завршување на таквата интервенција да се предадат и останатите 50.000 евра до постигнување на вкупно побараниот износ од 100.000 евра, кога неспорно по примањето на паричните средства е затекнат од полициски службеници со истите“.






