Не се занимавам со такви естрадни политики. Мицковски отфрла дека ангажирал странска фирма да ја шпиунира сдсм

Премиерот Христијан Мицкоски ги отфрли обвинувањата на СДСМ дека Владата ангажирала странска приватна разузнавачка компанија за следење на опозицијата и фабрикување афери, оценувајќи дека станува збор за неосновани тврдења.
„Што се однесува до некакви компании за да го следат раководството на СДСМ, мислам дека таков тип на однесување од наша страна не постои, ниту е дел од мојот карактер, ниту имам намера да се занимавам со такви естрадни политики. Јас сум фокусиран на развојот на државата и подобри услови за живот на граѓаните, имајќи ги предвид тешките времиња во кои живееме“, изјави Мицкоски.
Претходно, СДСМ обвини дека премиерот и ВМРО-ДПМНЕ ангажирале израелска приватна разузнавачка компанија „Блек кјуб“, која, според партијата, била користена за следење на опозицијата и собирање информации со цел дискредитација.
Од СДСМ тврдат дека претставници на компанијата веќе биле во Скопје и одржале состаноци со лица блиски до власта, како и со бизнисмен кој, според нив, требало да го финансира ангажманот. Партијата оценува дека ваквите активности претставуваат дел од, како што велат, „автократски модел“ на владеење.
Од Владата, пак, негираат вакви активности и порачуваат дека нивниот фокус останува на економските политики и справувањето со предизвиците со кои се соочуваат граѓаните.






