Градоначалникот на Крива Паланка од СДСМ не е против рудникот, тврди Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека барањето на СДСМ за одржување референдум за рудникот со антимон во кривопаланечкото село Луке е легитимно и уставно загарантирано право, но посочи дека постојат различни ставови и во самата опозициска партија.
-Правото да побара секој референдум е уставно загарантирано и ние не можеме да спориме, она што мене ме зачудува е фактот дека градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски од СДСМ има спротивно мислење од овој став на раководството на СДСМ. Јас и денес комуницирав со него, неговиот став е сосема спротивен – рече Мицкоски.
Тој нагласи дека проектот е дел од стратешко партнерство со САД и дека ќе ги исполни сите неопходни стандарди.
-Овој проект е дел од стратешкото партнерство со САД, финансиран делумно од САД, мора да ги исполнува условите и за тоа лично гарантирам, а гарантираат и инвеститорите. Градоначалникот мисли дека овој проект е стратешки за државата и локалното население, посебно имајќи го предвид економскиот бенефит за тој крај кој е типично рударски – изјави премиерот.
Претходно, СДСМ побара одржување локален референдум, оценувајќи дека станува збор за прашање од јавен интерес што директно се однесува на здравјето на граѓаните и иднината на локалната заедница.






