Политичката партија ВЛЕН ќе има двајца копретседатели, двајца заменик-претседатели и секретар

Во моментот работна група од пет луѓе работи на статутот на политичката партија ВЛЕН, органограмот и на предизвиците што ќе ги има партијата во иднина, рече министерот за здравство Азир Алиу во гостување во емисијата „360 степени“ на МРТ 1.

Тој вели дека од она што досега е познато, првите двајца луѓе што ќе раководат со ВЛЕН од позиција на копретседатели на политичката партија се градоначалниците на Општина Чаир и на Општина Тетово, Изет Меџити (Демократско движење) и Билал Касами (Беса). Согласно органограмот, ќе има и двајца заменик-претседатели и секретар, а се работи на дефинирање и на секретаријатите на партијата.

„Верувајте дека навистина длабоко работиме заради две причини. Првата причина е бидејќи ваков модел на политички партии е несвојствен за балканските земји. Знаете, структурата на партијата веќе не е својствена заради тоа што нема да има еден претседател на партија, туку ќе бидат двајца“,рече Алиу.

Тој додава дека структурата на ВЛЕН во моментот се организира од пет политички партии, па секоја од нив ќе има по еден претставник во раководството.

 

„Ние ќе имаме заменик-претседател на ВЛЕН. Исто така, Беким Ќоку (Самоопределување) ќе биде заменик-претседател. Значи, двајца. Па, потоа ќе имаме секретар којшто ќе биде од Алтернатива и после ќе имаме структура којашто ќе ја предводат различни луѓе од различни профили, но следиме и сме многу претпазливи за сите пет институции во моментот да имаат по 20 отсто во секој дел од раководството на политичката партија“, вели министерот за здравство.

Од структурата на Азир Алиу, позицијата заменик-претседател би требало да ја добие пратеничката Мимоза Муса (некогашна Алијанса за Албанците), додека пак политичката партија Алтернатива, од чии редови доаѓа претседателот на Собранието, Африм Гаши, како и првиот вицепремиер и министер за европски прашања, Беким Сали, според него, е согласна да ја добие позицијата секретар во ВЛЕН.

Промоцијата на новата политичката партија се најавува за на 9 мај.

Back to top button
Close