Кос: Се надевам дека новата бугарска влада ќе ни помогне да ги започнеме преговорите со Македонија
Како што пренесуваат бугарските медиуми, тамошниот европратеник Петар Волгин учествувал во дебатите со комесарката за проширување на ЕУ, Марта Кос, во Комитетот за надворешни работи на Европскиот парламент (AFET). Европратениците дискутирале за процесот на проширување на ЕУ како геополитички инструмент и механизам поврзан со безбедноста на унијата – дали земјите од Западен Балкан и Украина ќе станат дел од ЕУ…

„За мојата политичка група, проширувањето на ЕУ мора да се базира на заслуги и во согласност со правилата на ЕУ, и мора да донесе јасни придобивки за европските граѓани“, рекол Петар Волгин, претставник на партиите Европа на суверени нации и Преродба.
Тој истакнал дека сè повеќе Европејци изразуваат скептицизам во врска со континуираното проширување на ЕУ, а главните загрижености се поврзани со корупцијата, миграцијата и зголемувањето на финансиските трошоци.
„Во овој контекст, би сакал да поставам две прашања“, ѝ рекол Волгин на Кос.
„Прво, за Северна Македонија. Се чини дека земјата ја доведува во прашање Преговарачката рамка договорена од земјите-членки во 2022 година. Ова покренува сериозни сомнежи за посветеноста на Северна Македонија да ги почитува договорените услови“.
„Се надевам дека новата влада во Бугарија ќе ни помогне да започнеме преговори со Северна Македонија за пристапување кон ЕУ“, одговорила Кос на прашањето на европратеникот.
Како што пренесуваат бугарските медиуми, комесарката за проширување на ЕУ избегнала директен одговор на прашањето на Волгин за тоа дали постои ризик од ревидирање на принципот на едногласност. Наместо тоа, тој објаснил дека едногласноста е потребна за почеток на процесот на преговори со една земја, како и за конечната одлука за нејзиното пристапување.
Според претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, изборните резултати во Бугарија се очекувани и со идниот бугарски премиер Румен Радев ќе трагаат по ново решение за билатералниот спор за откочување на нашите евроинтеграции.






