Владата донесе одлука за ограничување на маржата на вештачките ѓубрива
Влада донесе одлуки за ограничување на маржите и стабилизирање на цените на вештачките ѓубрива на домашниот пазар, информира денеска министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Цветан Трипуновски.
Според него, мерките ќе важат до 31 мај и имаат за цел да се спречи растот на цените и да се поддржат земјоделците и домашното производство.
Со првата одлука се ограничува профитната бруто-маржа на неорганските ѓубрива на најмногу 5 отсто и во трговијата на големо и на мало, додека кај органските и органоминералните ѓубрива, како и биостимулаторите, маржата се ограничува до 10 отсто.
Дополнително, се предвидува намалување на продажната цена за 10 отсто на резервите што трговците ги набавиле по претходни, повисоки цени.
Воведена е и обврска за континуирано снабдување на пазарот со вештачки ѓубрива, при што трговците на мало ќе треба месечно да обезбедуваат најмалку 70 отсто од просечно набавените количини во 2026 година, додека трговците на големо ќе мора да ги снабдуваат малопродажните субјекти со најмалку 70 отсто од просечно продадените количини.
Од Државниот пазарен инспекторат, како што вели Трипуновски, претходно констатирале значителни разлики во маржите, кои се движеле од 15 до 60 отсто, а кај одредени производи достигнувале и до 70 отсто.
Министерот Трипуновски посочи дека мерките се донесени по консултации со увозниците и по направени анализи, со цел стабилизирање на пазарот, намалување на трошоците и заштита на домашното земјоделско производство.
„Целта е да се стабилизира пазарот, да се намалат трошоците и да се заштити домашното производство. Ако треба, во иднина ќе се преземат и дополнителни мерки во интерес на граѓаните и економијата“,кажа тој.






