Филипче: Власта сака „шверцерски“ да ја укине техничката влада – тоа е последниот механизам за фер избори

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, упати критики кон предлогот за измени на Законот за владата по скратена постапка, со кој се предвидува укинување на техничката влада. Филипче порача дека државата сè уште не е зрела за ваков чекор и дека власта се обидува да ги партизира сите механизми на контрола.

Филипче потсети дека техничката влада е резултат на меѓупартиски договор помеѓу четирите најголеми партии и дека таа е донесена со консензус. Според него, таа може да биде укината на истиот начин, а не поинаку во услови кога, како што вели, власта повторно воспоставува контрола врз правосудството и институциите.

„Општеството и државата повторно не се зрели да се спроведат фер и демократски избори, дополнително што овој следен циклус на парламентарни избори ќе биде прв циклус што по 2016 година го организира актуелната власт“ рече Филипче на денешната прес-конференција.

Лидерот на опозицијата обвини за силен притисок врз судиите и обвинителите, додавајќи дека чувствата на премиерот искажани на собраниската говорница се директна закана врз правосудните органи.

Дополнително, Филипче укажа на „шверцерски“ обид за менување на овластувањата на техничките министри во преодниот период.

„Се предлага и се сака да се донесе измена со која техничките министри нема да можат да донесат свои посебни советници, туку може да изберат само советници од редот на постојните, од сегашните силно партизирани од страна на владејачката коалиција“ додаде Филипче

Back to top button
Close