С Македонија беше пример за целиот регион и не сакаме овој напредок да се изгуби, вели австрискиот канцелар

Вашата земја беше пример за целиот регион долго време и не сакаме овој напредок да се изгуби, порача денеска австрискиот канцелар Кристијан Штокер на заедничката прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски кој со владина делегација е во официјална посета на Виена.
Австрискиот канцелар Кристијан Штокер на заедничката прес-конференција со македонскиот премиер Христијан Мицкоски / Фото: Принтскрин
Штокер во своето обраќање рече дека Австрија и понатаму ќе биде еден од најголемите поддржувачи на патот на С Македонија кон Европската Унија – вистинскиот пат, кој, како што додаде, води кон трајна стабилност и просперитет.
Притоа австрискиот канцелар истакна дека пристапувањето мора да биде крајната цел на процесот и истите правила мора да важат за сите кандидати, без брзи и скратени патеки.
Во таа насока тој наведе дека геополитичките влијанија и неизвесноста во глобални рамки, имаат големо влијание поради што, како што посочи, е многу важно регионот на Западен Балкан да не се изгуби од вид, особено не сега.
Проширувањето на ЕУ, рече тој, е најсилниот и најефикасен инструмент за мир, безбедност и просперитет, како и дека шесте држави од Западен Балкан „се парчињата што недостасуваат во европскиот мозаик“.
„Тука не станува збор само за алтруизам и личен интерес, туку и за проширување на европската безбедносна мрежа во нашето непосредно соседство. За да го унапредиме успешниот проект за проширување на ЕУ, сите треба да ги исполниме потребните задачи. Решението нема да дојде однадвор, ниту од Брисел ниту од Виена. Време е да ги оставиме зад себе разните гледишта и да преземеме геополитичка одговорност за доброто на нашата заедничка Европа. Овие дискусии не се одвиваат во вакуум. Агресијата на Русија врз Украина драматично го промени геополитичкиот пејзаж. Оваа ситуација остави влијание и врз Западен Балкан. Затоа најдобро ќе биде цврсто да се закотват Северна Македонија и целиот регион во нашето семејство – ЕУ. Сега е моментот да размислуваме и да дејствуваме стратешки не само за Северна Македонија туку за целиот регион. Регионот не може да дозволи да го пропушти овој геополитички момент“,
кажа австрискиот канцелар.
Тој информира дека на средбата со македонскиот премиер разговарале и за економската соработка, посочувајќи дека двете земји имаат, како што кажа, извонредни билатерални односи на политичко, економско и на културно ниво. Овие односи, рече тој, се дополнително зајакнати од одлично интегрираната македонска дијаспора, која брои 27 000 луѓе, што го збогатуваат културниот живот во Австрија.
„Важно е нашето партнерство да го прошириме со нашата визија за европска иднина, што е од заеднички интерес. Ова важи и за економската сфера. Се гордеам што Австрија е најголемиот странски инвеститор со вкупно 1,3 милијарда евра инвестиции. И ние имаме полза од вашиот раст, партнерството е од заеднички интерес. Над 50 австриски компании се присутни во Северна Македонија и вработуваат повеќе од 9 000 луѓе, главно во енергетиката, управувањето со отпад, банкарството, трговијата, градежништвото…“ напомена австрискиот канцелар.
Штокер потенцира дека централната компонента на средбата бил токму економскиот дијалог, а потсети и дека земјава, заедно со другите држави од регионот, лани се приклучи кон СЕПА и воспостави поефикасни системи за гранична контрола.
„Високи претставници на бизнисот од двете земји ќе имаат директни разговори, а нашата задача како шефови на влади е да отвориме врати низ кои ќе поминат компаниите“,
рече Штокер, кој оцени и дека Северна Македонија е високо ценет партнер во ограничувањето на нелегалната миграција.






