Димитров до Бугарија: Стратегијата ви е тажна, станавте наш најголем непријател

Поранешниот министер за надворешни работи и актуелен претседател на „Солуција“, Никола Димитров, имаше жестока вербална пресметка со претставник на Бугарија за време на престижниот Делфи форум во Грција. Откако бугарскиот претставник од публиката провокативно порача дека Македонија мора да го „голтне“ компромисот, Димитров остро возврати дека бугарската политика донела најлоши можни резултати за билатералните односи.
Инцидентот се случил на панелот посветен на европската безбедност, а дебатата ја иницирала истакнатата грчка интелектуалка и универзитетска професорка, Марилена Копа. Таа ја критикувала грчката влада дека не прави доволно за да ѝ помогне на Северна Македонија на нејзиниот европски пат.
„Ние мораме да ѝ помогнеме на Северна Македонија, не смееме да бидеме само набљудувачи, Грција треба да се вклучи како медијатор во надминување на проблемот со Бугарија“, порачала Копа.
Овој став предизвикал бурни реакции кај бугарскиот претставник во публиката, кој возвратил дека Грција нема зошто да се меша бидејќи „прашањето е затворено“ и дека Северна Македонија сега морала да испорача и да го почитува компромисот од 2022 година.
Димитров: „Тоа не е компромис, тоа е пакет кој не донесе решение“
На ваквата констатација веднаш реагирал Никола Димитров, директно демантирајќи ја тезата дека проблемот е затворен со вистински компромис.
„Нема компромис, има пакет којшто не донесе решение. Компромис е решение кое двете земји ќе ги направи несреќни. Кога едната страна е еуфорична и слави, тоа не е компромис. Прашањето не е решено. Бугарија на сите анкети кај нас е најголем непријател. Дали навистина тоа го сакате?“, возвратил Димитров.
Тој ја искористил и познатата мисла на Винстон Черчил за да ја критикува официјална Софија: „Колку и да мислите дека ви е добра стратегијата, не е лошо одвреме-навреме да си ги погледнете резултатите. А резултатите од вашата стратегија се тажни – најлоши односи меѓу двете земји што некогаш сме ги имале.“
Проширувањето е полно со дупки, Македонија е лекција за Украина
Во своето главно излагање, Димитров се осврнал на разочарувачкиот процес на проширување на Европската Унија, посочувајќи дека македонскиот пример е најдобар доказ за нефункционалноста на тој систем.
Тој потсетил дека земјава е кандидат од далечната 2005 година, а денес не е ништо поблиску до членство, оценувајќи дека процесот е сериозно маргинализиран. Зборувајќи за новиот моментум кој ЕУ го создава за Украина и Молдавија поради безбедносната криза, Димитров испратил јасна порака:
„Очекувања има, ама тоа не е доволно. Ние можеме да го искористиме нивниот ентузијазам, а тие треба да го искористат нашето искуство во менаџирање на очекувањата.“
Делфи форумот, на кој Димитров ќе има уште едно обраќање в петок, е една од најголемите меѓународни конференции во Европа, која годинава собира над 3.000 еминентни учесници од светот на политиката, бизнисот, академијата и медиумите.






