Плинот намален за пет денари по литар

„Макпетрол“ од полноќ ја намали малопродажната цена на течен нафтен гас односно плин за пет денари по литар, од 59 на 54 денари. Истовремено, во трговијата на големо е евидентирано намалување од десет денари по килограм, што во пресметка значи приближно пет денари по литар, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на Владата, Марија Митева.

-Она што е особено значајно е дека и останатите компании на пазарот го следат овој тренд. Во малопродажба, цените на течен нафтен гас на бензинските станици веќе се намалени во распон од пет до шест денари по литар и се движат од 53 до 54 денари. Почитувани, ова не е уште еден изолиран чекор, туку системска реакција на пазарот која доаѓа како резултат на јасен институционален сигнал и координација, рече Митева.

Таа истакна дека ова намалување не е резултат на краткорочна пазарна случајност, туку е резултат на анализа од страна на ДПИ и преку договор и преземена одговорност од страна на трговците, за намалување на бруто маржите. Постигнавме согласност, продолжи Митева, овие маржи да бидат намалени и да се задржат на тоа ниво и во наредниот период, да немаме осцилации коишто сега ќе ги имаме, оваа недела кон намалување, а следната би имале зголемување, што значи дека за повеќе од 10 отсто во трговијата на големо и за 9 до 10 отсто во малопродажба ќе имаме намалување.

-Оваа мерка дојде преку аргументирана анализа и институционално делување. Врз основа на детална анализа спроведена од Државен пазарен инспекторат, беа детектирани просторите за корекција во ценовната структура, по што следуваа разговори со трговците и постигнување на договор за намалување на бруто маржите, нагласи портпаролката на Владата

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close