Мицкоски: Фетаи ќе се врати во Брисел, реконструкцијата ќе биде на крајот на мај или јуни, можни се ротации на ресорите

Претседателот на Владата Христијан Мицкоски денеска потврди дека Арбен Фетаи повеќе нема да биде министер за добро владеење и транспарентност и потори дека реконструкцијата на Владата најверојатно ќе се случи на крајот на мај или почетокот на јуни и најави множна ротација на ресори.
– Разговаравме јас и тој лично. И тој лично ми пренесе дека во иднина нема да се гледа повеќе во Владата, која што јас ја предводам. Тоа беше уште можеби пред неколку недели. Тој рече дека ќе се врати во Брисел имајќи го предвид неговото образование, искуство во рамките на институциите во Брисел, јас мислам дека би била тоа добра можност тој да биде некаков специјален пратеник во рамките на Европскиот парламент, на бриселската администрација – рече Мицкоски во интервју на Тема на денот на ТВ Сител. Додаде дека заедничко мислење било дека државата треба да ги искористи неговите контакти и знаење во Брисел.
Во однос на реконструкцијата, премиерот Мицкоски рече дека се уште е фокусиран на внатрешното организирање на ВМРО-ДПМНЕ, а дека промените во Владата би се случиле во втората половина на мај или почетокот на јуни. Најави можна промена на ресори и одредени имиња во идниот владин состав.
– Јас ги анализирам состојбите, но сега сум фокусиран на она што се вика внатрешно организирање во самото ВМРО-ДПМНЕ. Она што го најавив на конгресот дека во текот на месец април, најдоцна во првата половина на мај мојата цел е да ја заокружам структурата во рамките на ВМРО-ДПМНЕ. И од да речеме втората половина на мај – јуни заедно со коалициските партнери да направи поместување, доколку видиме дека тоа е потребно, одредени ресори, одредени имиња ги промениме, ги ротираме. Тоа би требало да биде еден поголем холистички пристап. Но, во овој момент на таа тема само анализирам, не би можел да кажам дека имам каков било заклучок, но дека ќе има промени, тоа е факт, ќе има промени – рече Мицкоски.






