Стаменкоска Трајкоска: Трагичниот настан не смее да биде предмет на политички поени

Градоначалничката на Општина Кисела Вода, Бети Стаменкоска-Трајкоска изрази жалење за трагичниот настан што се случи на територија на општината, каде во градилиште, едно лице го загуби животот, а четири лица се повредени.

Таа упати сочувство до семејството на починатиот и посака побрзо закрепнување на повредените.

„Во врска со трагичниот настан што се случи на територија на Општина Кисела Вода, изразуваме длабоко жалење за загубата на човечки живот и сочувство до семејството на починатиот. Безбедноста на граѓаните и работниците е апсолутен приоритет и не смее да биде предмет на политички поени. Во овој момент, надлежните институции постапуваат и се во тек проверки за утврдување на сите околности поврзани со настанот. Општината целосно соработува со институциите и ќе постапи согласно сите наоди и препораки“, вели Стаменкоска Трајкоска.

Посочи дека општината е отворена за дискусија во рамки на институциите, но одлуките да се темелат на факти и анализи, а не на претпоставки.

„Ја разбираме загриженоста на јавноста, но апелираме на одговорност и воздржаност од изнесување непроверени информации и политизација на случајот. Ваквите ситуации бараат сериозен и институционален пристап, а не дневнополитички реакции. Општината е отворена за дискусија во рамки на институциите, но одлуките мора да се темелат на факти и стручни анализи, а не на претпоставки“, смета градоначалничката на Кисела Вода.

Back to top button
Close