ДУИ: Нашиот проект за Коридорот 8 се потврдува и не може да се запира


Демократската унија за интеграција (ДУИ) вели дека проектот за Коридор 8 продолжува со својата реализација, и покрај, како што велат, обидите на актуелната Влада да ја прекине неговата поврзаност со Република Албанија.

Од ДУИ сметаат дека одложувањето на посетата на делегацијата на УНЕСКО не го доведува во прашање реализирањето на проектот, туку ја потврдува сериозноста и неопходноста тој да се спроведе согласно проектното решение изработено во времето кога ДУИ беше дел од Владата.

„Како што видовме вчера, самиот министер за транспорт започна да ретерира од претходните јавно изнесени ставови и сега потврдува дека дилемата не е дали Коридорот 8 ќе се гради, туку само изборот на најсоодветната траса за истиот“,

велат од ДУИ.

Оттаму потсетуваат дека Коридорот 8 е проект од стратешко значење за државата и регионот, кој ги поврзува истокот и западот.

„Поддршката од Европската унија и преземените обврски од Тиранската декларација се дополнителен доказ дека овој проект е неспорен приоритет“,

додаваат од ДУИ.

Од партијата велат дека ќе останат посветени на реализацијата на овој проект во целосна согласност со меѓународните стандарди и во интерес на сите граѓани.

Сметаат дека обидите за негово попречување или одложување се залудни, бидејќи Коридорот 8 е реалност во изградба и неопходност за европската иднина на државата.

Денешното соопштение од ДУИ доаѓа откако вчера вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски рече дека не е воопшто доведено во прашање дали до Струга и до граничниот премин „Ќафасан“ ќе има автопатско решение, туку по која траса ќе се движи.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close