Етна ги збунува научниците: Ново откритие за најактивниот вулкан во Европа

Етна, најактивниот вулкан во Европа, повторно го привлече вниманието на научниците откако нова студија открива неочекуван механизам зад нејзината постојана активност, кој не се вклопува во досегашните геолошки модели.

Овој масивен стратовулкан на Сицилија, стар повеќе од половина милион години и висок околу 3.400 метри, е познат по честите ерупции, но и по необичниот состав на лавата што ја исфрла. За разлика од повеќето стратовулкани, Етна исфрла алкална лава во големи количини, што долго време претставуваше мистерија за научната јавност.

Според новата студија, проблемот лежи во тоа што ниту еден од трите класични механизми за формирање вулкани – раздвојување на тектонски плочи, субдукција или „жешки точки“ – не може целосно да го објасни однесувањето на Етна.

Иако се наоѓа над зона на субдукција, каде африканската плоча тоне под евроазиската, хемискиот состав на нејзината лава повеќе наликува на вулкани од „жешки точки“, каде што нема регистрирано таква геолошка појава.

Анализата на лавата во период од 500.000 години покажала изненадувачка стабилност во составот, што упатува дека Етна не се снабдува со „свежа“ магма, туку со веќе постоечка, складирана длабоко во Земјината кора.

Научниците предлагаат таканаречена теорија на „исцедена сунѓереста магма“, според која магмата заробена на длабочина од околу 80 километри постепено се турка нагоре низ пукнатините во кората, слично како вода што се цеди од сунѓер.

Овој процес го поврзуваат со ретка категорија вулкани позната како „petit-spot“, откриена дури во 2006 година, која досега била карактеристична за мали подморски вулкани – а не за гигант како Етна.

Токму тука лежи најголемото изненадување: механизмот што создава мали вулкански структури, според оваа студија, може да стои зад еден од најголемите и најактивни вулкани во Европа.

Откритието е важно не само од научен аспект, туку и за подобро предвидување на ризиците, имајќи предвид дека стотици илјади луѓе живеат во близина на Етна, особено во градовите Катанија и Месина, објави Скопје1.мк

Back to top button
Close