Монодрами од Романија, Македонија и Чешка на фестивалот во Битола

Интернационалниот фестивал на монодрама во Битола продолжува со три претстави во конкуренција кои ќе бидат изведени на големата сцена, новата сцена и бар-сцена на НУ Центар за култура.
По синоќешните настапи на Дени Денис од Данска кој се натпреварува со монодрамата „Џег Хамлет“, потоа на Ахмад Јехија Махмуд Авад од Египет и македонската актерка Енџи Николоска, вечер натпреварувачкиот дел ќе го отвори Андреа Тасе од Романија која ќе ја изведе монодрамата „Ноти“, веднаш потоа на новата сцена ќе гостува Сашко Орешков со монодрамата „Кротка“, а во вечерната програма од 21:30 часот во бар-сцена публиката може да го следи настапот на Валерија Емељанова од Чешка која во Битола допатува со монодрамата „Човечкиот глас“.

Настапите на акерките и актерите ги оценува меѓународно стручно жири во кое членуваат Керолајн Бернс Кук од Велика Британија, Анџелина Роска од Молдавија и Кире Ѓорески од Македонија, а според востановената традиција, на интернационалниот фестивал на монодрама гласа и публиката која избира највпечатлив актерски настап на фестивалот, награда поддржана од Општина Битола.






