Јане Ченто: Ако институциите молчат, ние нема да молчиме. Ќе ги објавиме сите факти и докази

На денешната прес-конференција, Јане Ченто соопшти дека поднесува кривична пријава против поранешен јавен обвинител со иницијали В.Р., за кривични дела попречување на правдата по член 368-а и злоупотреба на службена положба и овластување по член 353 од Кривичниот законик.

Тој истакна дека до Јавното обвинителство се доставени докази поврзани со случајот „27 април“, за кои тврди дека сериозно го доведуваат во прашање начинот на кој била водена истрагата и судската постапка.

Доказите укажуваат на комуникација меѓу висок функционер и еден од клучните сведоци во постапката, како и контакти меѓу членови на семејства на функционери и сведок, со можни договори со обвинителството“, изјави Ченто.

Тој додаде дека постои изјава заверена кај нотар, во која сведок тврди дека неговиот претходен исказ бил неточен и дека му било ветувано олеснување во други кривични постапки доколку даде одредено сведочење.

Дополнително, Ченто наведе дека постојат и вештачења од судски вештак на мобилни телефони кои, како што рече, ја потврдуваат ваквата изјава.

„Го повикуваме Јавното обвинителство да постапи темелно. Јавноста има право да знае, а институциите имаат обврска да реагираат“, рече тој.

Според Ченто, случајот не е политички, туку прашање на владеење на правото.

„Ова не е обична постапка. Станува збор за сомнежи за користење незаконски докази, притисоци врз сведоци и носење пресуда врз основа на монтирана постапка“, изјави тој.

Тој нагласи дека не утврдува вина, туку бара институциите да ги испитаат наводите.

„Ако институциите молчат, ние нема да молчиме. Ќе ги објавиме сите факти и докази“, порача Ченто.

На новинарско прашање за видот на доказите, тој одговори дека станува збор за телефонска комуникација поврзана со сведок во постапката, како и можни договори, при што нагласи дека деталите треба да ги утврдат надлежните институции.

 

 

Back to top button
Close