Филипче: Никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието

Ние никогаш и никаде не кажавме дека ќе го напуштиме Собранието. И тоа е само уште еден спин на премиерот, кој што сака да го прикаже во јавноста како некое наше бегање од работата во институциите, изјави денеска претседателот на СДСМ Венко Филипче во одговор на новинарско прашање околу измените на Законот за Влада со коишто се укинува моделот на техничка влада.

Според Филипче, „премиерот Христијан Мицкоски упорно го спинува ставот на СДСМ во однос на Законот за влада, обидувајќи се да создаде погрешна перцепција во јавноста“.

– Вистината е дека ние, доколку се донесе тој Закон за влада, шверцерски, и се укине Пржинската влада во ситуација кога целосно е контролирана државата, еднакво како во времето на Никола Груевски, контрола на судството, што го прави истото сега Христијан Мицкоски, контрола на полицијата со новиот закон, со партиски послушници и контрола на медиумите, од страна на Орбановите медиуми, истото како што беше во времето на судиите од тефтерчето на Никола Груевски – еднакoв е системот. Тоа се нашите аргументи зошто техничката влада по истиот систем треба да остане, рече Филипче на прашање при посетата на кочанското село Грдовци.

Дополнително, наведе, се работи за закон донесен со консензус, на негово лично барање во 2018 година, на Христијан Мицкоски, вратена е Пржинската влада. – Ние ќе излеземе и нема да учествуваме во работата за Изборниот закон, не во работата на Собранието, изјави Филипче.

Во однос на Предлог-законот на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара да се ограничи правото на пратениците да имаат двојно државјанство и барањата од опозицијата за негово проширување и за функционерите, рече дека Владата ја водат луѓе кои имаат резервна татковина и оти е прашање дали воопшто работат за интересите на оваа држава.

– Треба да се реши премиерот што и како кажува. Неговите пратеници поднесуваат предлог закон, а тој вели треба да се консултираат уставни експерти, сега наводно бил заинтересиран. На тој човек веќе едноставно ништо не може да му се верува. Оваа Влада ја водат луѓе кои имаат резервна татковина и е прашање дали воопшто работат за интересите на оваа држава, изјави Филипче.

Како што информира СДСМ, Филипче на денешната средба со земјоделците производители на ориз од кочанското село Грдовци, порачал дека владата мора да обезбеди 20 денари по килограм дополнителна субвенција за оризот, за да им помогне на земјоделците.

Back to top button
Close