Четиринаесет лица, меѓу кои и родители, се повикани на разговор во врска со врсничкото насилство во Ѓорче Петров, вели Тошковски

Четиринаесет лица се повикани на разговор во врска со случајот на врсничко насилство во скопската населба Ѓорче Петров, а за дел од нив ќе следуваат соодветни процесни дејствија, вели министерот за внатрешни работи Панче Тошковски.
Меѓу повиканите, како што рече тој, има и родители на ученичките вклучени во случајот.
Тошковски вели дека овој проблем ќе остане во фокусот на Министерството за внатрешни работи и дека јавноста ќе биде информирана за понатамошните чекори, но со внимателен пристап поради тоа што станува збор за малолетници.
Според него, фокусот на врсничкото насилство не смее да се сведе само на репресија и потребен е мултиинституционален и системски пристап.
„Мораме сериозно и континуирано да бидеме фокусирани на овој тип криминалитет. Не само од аспект на Министерството за внатрешни работи, кое делува и превентивно и репресивно, туку преку вклучување на сите надлежни институции. Потребен е мултиинституционален и системски пристап“,
рече тој одговарајќи на новинарски прашања пред промоцијата на Протоколот за лица без државјанство во Клубот на пратеници во Скопје.
Тој упати апел до родителите велејќи дека се значајни нивната улога во воспитувањето, нивното однесување и нивната вклученост во образовниот процес на децата.
Вели дека овој проблем е присутен – дел од случаите излегуваат во јавноста, дел не, што не значи дека не постојат.
Во врска со случајот за врсничко насилство во скопската населба Ѓорче Петров во кој три девојчиња, ученички во основно училиште, брутално малтретирале и понижувале врсничка, денеска Народниот правобранител рече дека ќе отвори предмет по сопствена иницијатива.
Во рамките на предметот, омбудсманот ќе побара информации од училиштето и надлежните институции дали биле преземени потребните мерки за превенција на насилството, дали имало индикации за насилство и како било постапено по нив, но и како се обезбедува моменталната заштита и поддршка на детето жртва и дали се преземаат соодветни мерки во однос на сторителите.
Тој апелира на поголема родителска одговорност и грижа за децата, следење на нивното однесување, препознавање потенцијални ризици и навремено реагирање.
Вчера, во контекст на овој случај, и министерката за образование и наука Весна Јаневска рече родителите да внимаваат и повеќе време да поминуваат со своите деца. Таа смета дека сите одговорни институции може да прават сè како што треба, но ако нема помош од родителите, не може да има успех.






