Трамп: Полски и молдавски затвореници ослободени од затвор во Белорусија и Русија

Американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека пет затвореници од Полска и Молдавија биле ослободени од притвор во Белорусија и Русија.

„Штотуку обезбедивме ослободување на тројца полски и двајца молдавски затвореници од белоруски и руски притвор“, напиша Трамп на својот профил на „Truth Social“, припишувајќи ги притоа заслугите на неговиот пратеник Џон Коул.

Трамп му се заблагодари и на белорускиот лидер Александар Лукашенко за „соработката и пријателството“.

Меѓу ослободените е и познатиот полски новинар Анджеј Почобут, чие ослободување полските власти го најавија уште минатиот месец во рамки на договорена размена на затвореници.

„Мојот пријател, претседателот Карол Навроцки, се сретна со мене минатиот септември и побара да помогнам за ослободување на Анджеј Почобут од белоруски затвор. Денес Почобут е слободен благодарение на нашите напори. Соединетите Американски Држави ги исполнуваат барањата на нашите сојузници и пријатели“, стои во постот на Трамп.

Почобут, припадник на полското малцинство во Белорусија, долго време беше дописник на полскиот дневен весник „Газета Виборча“. Беше уапсен во 2021 година, а во јули 2023 осуден на осум години затвор, во процес што се смета за политички мотивиран.

Претходно оваа година белорускиот претседател Лукашенко ослободи 250 политички затвореници по разговорите со американска делегација предводена од Џон Коул. За возврат, САД укинаа санкции против неколку белоруски компании и институции.

Back to top button
Close