Им се суди на Пеце Матевски и вработени од РЕК „Битола“ за тендер за ископ на јаловина
Во Основниот суд Битола продолжи судењето за екс директорот на РЕК „Битола“ Пеце Матевски и уште шестмина вработени од комбинатот како и на три службенички од Бирото за јавни набавки од Скопје заради незаконитости во тендер за ископ на јаловина поврзан со изборот на битолската фирма „РУД КОП“-Битола во 2022-2023 година, објави „Апла.мк“.

ОЈО Битола по пријава од Управата за финансиска полиција и по спроведена предистражна постапка поднесе обвинение против 10 лица, истите спротивно на Законот за јавни набавки во име на РЕК „Битола“ ја отфрлиле како неприфатлива понудата на „Гранит“-Скопје за ископ на јаловина, иако била со најниска цена.
По спроведена електронска аукција договорот за јавна набавка му го доделиле на „РУД КОП“-Битола кој понудил пониска цена по м3 во споредба со цената понудена од „Марковски компани Борче“-Битола (инаку вториот учесник на електронската аукција), цената сепак била повисока од отфрлената понуда на „Гранит“-Скопје. Понудата била отфрлена иако како доказ за професионално техничката способност „Гранит“ доставил потврди за ископани јаловински маси во бараните количини, при работа на изградбата на автопатот Кичево-Охрид. Комисијата за спроведување на јавни набавки во РЕК „Битола“ иако имала потврди кои докажуваат дека „Гранит“ го има ископано потребното количество на јаловина барано согласно тендерската документација, сепак одлучила да го исфрлат од „игра“ заради тоа што работите на автопатот Кичево-Охрид не биле се уште завршени, па доставените потврди не биле доказ за позитивна референца.
Притоа, како резултат на исфрлањето на „Гранит“, на фирмата „РУД КОП“ му е исплатен износ од 849.577.984 денари за извршениот ископ на јаловина во РЕК „Битола“ (иако цените понудени од „Гранит“ за истата количина би биле 671.207.665 денари, што е разлика од 178.370.319 денари). Токму овој износ е определен како износ на штета за РЕК „Битола“ односно незаконита имотна корист за „РУД КОП“-Битола поради што во судницата беше присутен и сопственикот, бизнисменот Кирил Билјановски. ОЈО Битола бара конфискација на тој износ од фирмата на Билјановски (износ кој во моментот е привремено замрзнат).
На обвинителна клупа денеска седнаа Пеце Матевски, кој веќе е ослободен од притвор во предметот „Адитив“ и има определени мерки на претпазливоста за обезбедување на присуство на судењата и за кого се води и друга кривична постапка за неговото директорување. Обвинети од РЕК „Битола“ се: Димитар Петковски, Благојче Ѓорѓиевски, Тони Ангелевски, Снежана Макаријоска, Анита Кузевска и Љупчо Стефановски кои исто така имаат определена мерка на претпазливост од 2025 година. Со обвинението се опфатени и Александра Маџевска Сараќинчева, Аземина Учкан и Добрила Јордановска сите три од Бирото за јавни набавки во Скопје.
Судскиот процес го води судијата кривичар Горан Димовски од Основен суд Битола, а обвинението го застапува Оливера Нечаковска од ОЈО Битола






