Сериозно повреден учесник во „Survivor – Грција“ – телевизијата го прекина емитувањето на реалното шоу

Учесник во реалното шоу „Сурвајвор“ – Грција сериозно е повреден во несреќа што се случила вон натпреварувачкиот дел додека натпреварувачот ловел риба во океанот во Доминиканската Република, каде што се снима шоуто, по што грчката телевизија „Скај“ соопшти дека го прекинува емитувањето, јави дописничката на МИА од Атина.

Реалното шоу е во продукција на турската „Аџун Медија“ од каде што информираа дека во текот на вчерашниот ден се случила сериозна несреќа кога веројатно туристички брод го повредил натпреварувачот, додека ловел риба со подводна пушка надвор од натпреварувачкиот дел на реалното шоу.

Од првиот момент, посочија, имало итна мобилизација за укажување помош и безбеден транспорт на повредениот, додека надлежните пристанишни власти ги истражуваат причините за несреќата за целосно да се утврдат околностите.

Натпреварувачот е во болница во сериозна, но стабилна состојба и вон животна опасност.

Паралелно, апелираа да се избегнува ширење неточни информации до завршување на официјалната истрага.

Според грчките медиуми, станува збор за 21-годишен учесник во „Сурвајвор“ кој бил сериозно повреден во нозете од пропелерите на надворешните мотори на бродот, а неофицијално му била делумно ампутирана едната нога.

Министерот за здравство Адонис Георгиадис во интервју за телевизијата „Антена“ утрово посочи дека засега, поради ситуацијата, повредениот не може да биде префрлен во Грција.

ТВ „Скај“ што го емитува реалното шоу, синоќа соопшти дека биле информирани за сериозната несреќа и дека иако продукцијата на „Сурвајвор“ е под целосна контрола и одговорност на „Аџун Медија“, телевизијата внимателно ја следи состојбата на учесникот, ќе помогне на секој можен начин во неговото лекување, како и во понатамошната нега и рехабилитација, а „сè додека не се истражат целосно причините за несреќата, се прекинува телевизиското емитување на шоуто“.

Во „Сурвајвор“ – Грција сите учесници се грчки државјани и оваа сезона се поделени во две групи „Провинцијалци“ и „Атињани“, а повредениот е дел од првата.

Back to top button
Close