Платените убијци од Србија фатени во Скопје дошле некого да ликвидираат
Во полициска акција во Скопје се уапсени двајца Срби и еден Македонец под сомнение дека планирале нарачано убиство. Акцијата била спроведена во координација на македонската и српската полиција, по долготрајна размена на информации. Министерството за внатрешни работи за „Вечер“ ја потврди информацијата дека во акцијата се уапсени тројца луѓе, двајца српски и еден македонски државјанин, кај кои полицијата нашла оружје и дрога, а запленила и пари и телефони.

Полицијата истражува кој бил потенцијална жртва на платените убијци, односно кого требало да ликвидираат во Скопје.
„Извршени се претреси на неколку локации во Скопје, при што се пронајдени дрога, пари и мобилни телефони, а лишени се од слобода три лица, од кои двајца српски државјани и еден македонски државјанин. По документирање на случајот, ќе бидат поднесени соодветни поднесоци“, соопшти МВР во изјава за „Вечер“ наведувајќи дека дојавата дошла од АНБ.
Српското МВР на својот сајт објави иницијали на едниот од уапсените, српскиот државјанин С.М. (42), кој наводно бил главниот во подготовката на убиството.
Осомничениот бил пронајден во засолниште во Скопје, каде полицијата при рација открила арсенал оружје и специфична тактичка опрема. Меѓу запленетите предмети се пиштол марка „CZ“ со целосна рамка, воен нож, како и црна тактичка униформа. Според оперативните сознанија, се работи за организирана криминална група која во Скопје имала конкретна задача – да изврши ликвидација.
Истрагата потврдила дека С. М. нелегално ја преминал границата, а кај него била пронајдена и туѓа српска лична карта, која ја користел за лажен идентитет.
Во тек е идентификација лицата што му помагале за време на престојот во Македонија, како и дознавање на можната цел.






