Стан од 45 квадрати во Кисела Вода продаден за 130.000 евра
Во првите три месеци од 2026 година, највисоката постигната цена за стан по квадратен метар изнесувала 2.888 евра, а станот бил продаден во Кисела Вода. Станува збор за стан од 45 квадратни метри, продаден за вкупно 130.000 евра.

Податоците се наведени во Извештајот од Регистарот на цени и закупнини на Агенцијата за катастар на недвижности, кој ги опфаќа месеците јануари, февруари и март годинава.
Според извештајот, во првиот квартал биле евидентирани 712 новоизградени станови или станови од инвеститор, што е за 29 проценти помалку во споредба со последниот квартал од 2025 година.
Во истиот период, бројот на продадени станови е намален за 27 проценти, а вкупната финансиска вредност на продажбите бележи пад од 23 проценти. Намалување има и кај продажбата на куќи, земјоделско земјиште и деловни простори
Најмногу продадени станови се регистрирани во Аеродром, каде што биле реализирани 193 продажби, додека најмногу куќи, вкупно 54, биле продадени во Битола.
Вкупната вредност на пазарот на недвижности во првиот квартал од 2026 година изнесува 276,3 милиони евра, што е намалување од 12,4 проценти на квартално ниво. Во периодот од 1 јануари до 31 март биле регистрирани 7.757 трансакции, што претставува пад од 16,4 проценти во споредба со претходниот квартал.






