„Исламска држава“ презеде одговорност за смртоносниот напад врз сириските сили

Терористичката група Исламска држава (ИД) презеде одговорност за нападот во Источна Сирија, во кој беа убиени двајца сириски војници. Ова е прва смртоносна операција на групата против сириските владини сили од февруари наваму.

Нападот во источната провинција Хасака покажува дека Исламска држава и понатаму претставува безбедносна закана, во време кога сирискиот претседател Ахмед ал Шара се обидува да ја консолидира власта, речиси година и половина по соборувањето на Башар ал Асад. Сириската државна агенција САНА потврди дека нападот бил извршен врз автобус во рурален дел на провинцијата.

Групата преку својата пропагандна агенција „Амак“ соопшти дека нивните борци убиле и раниле шест припадници на сириската војска. Пред една деценија, ИД контролираше околу една четвртина од територијата на Сирија, пред да биде потисната од коалицијата предводена од САД.

Интересно е што актуелниот претседател Ал Шара беше противник на ИД уште додека ја предводеше групата „Фронт ал Нусра“ – поранешен огранок на Ал Каеда, од која се одвои во 2016 година. Минатата година, под негово раководство, Сирија и формално се приклучи на меѓународната коалиција предводена од САД за борба против Исламска држава.

Back to top button
Close