Раскол кај британските лабуристи: Над 100 пратеници го поддржаа Стармер, 80 бараат негова оставка

Повеќе од 100 британски пратеници од Лабуристичката партија потпишаа писмо со поддршка за премиерот Кир Стармер, додека над 80 негови колеги побараа тој да поднесе оставка, објавија британски медиуми.
„Минатата недела добивме исклучително тешки изборни резултати. Тоа покажува дека мораме да работиме за да ја вратиме довербата кај гласачите“, се наведува во писмото на поддржувачите на премиерот. Групата пратеници кои застанаа зад Стармер сметаат дека во овој момент не е време за започнување процедура за оспорување на неговото лидерство во партијата.
Овој внатрепартиски притисок доаѓа по лошите резултати на лабуристите на последните избори, што предизвика сериозни дебати во Лондон за насоката во која се движи партијата под водство на актуелниот премиер.






