Хегсет ги демантира тврдењата за недостиг на муниција поради војната со Иран

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денеска ги отфрли обвинувањата дека војната против Иран ги исцрпила резервите на ракети и муниција на САД, по тврдењата на Демократската партија дека земјата е ранлива на напади, пренесе ДПА.
– Знаеме точно со што располагаме. Имаме повеќе од доволно од она што ни е потребно – изјави Хегсет за време на сослушувањето пред поткомитетот на Претставничкиот дом на Конгресот, задолжен за трошоците за одбрана.
Неговата реакција доаѓа по изјавата на демократскиот сенатор Марк Кели, кој оцени дека е „шокантно“ колку се исцрпени резервите на ракетите „Томахок“, „АТАКМС“ и „Патриот“.
Кели, кој е член на комисиите за вооружени сили и за разузнавање, предупреди дека обновувањето на залихите ќе трае со години и дека САД можеби нема да можат да се одбранат при долготраен напад поради војната на претседателот Доналд Трамп против Иран, која според него е водена „без стратешка цел и план“.
Хегсет одговори дека Кели „глупаво и бесмислено ја преувеличил“ темата.
Истовремено, претседателот на Здружениот штаб на американските вооружени сили, генерал Дан Кејн, нагласи дека регионалните команди известиле оти располагаат со „соодветна количина муниција“ за извршување на тековните мисии.






