Мексико ги отфрла тврдењата дека оперативци на ЦИА спроведувале смртоносни акции против нарко-картелите во земјата
Мексиканските власти и американската Централна разузнавачка агенција (ЦИА) ги отфрлија наводите на „Си-Ен-Ен“ дека оперативци на ЦИА директно учествувале во смртоносни напади извршени минатата година врз нарко-картели во Мексико.

Во извештајот објавен на американската телевизија која се повикува на анонимни извори, се тврди дека ЦИА со елитни единици ги засилила тајните операции во Мексико, вклучително и со непосредно учество во акции за ликвидации.
Мексиканскиот министер за безбедност, Омар Гарсија Харфуч, изјави дека Владата „категорично ги отфрла сите верзии на настаните што се обидуваат да нормализираат, оправдаат или сугерираат постоење смртоносни, тајни или еднострани операции на странски агенции на мексиканска територија“.
Портпаролката на ЦИА, Лиз Лајонс, преку платформата „Икс“ оцени дека станува збор за „лажно и провокативно известување“ што, според неа, им служи на картелите и доведува во опасност американски животи.
Присуството на оперативци на ЦИА во Мексико во последните недели предизвика дополнителни тензии во односите меѓу двете држави.
На 19 април двајца американски функционери загинаа во сообраќајна несреќа во северната мексиканска држава Чивава, при враќање од безбедносна операција за демонтирање лабораторија за дрога. Според извори на светски агенции, тоа биле оперативци на ЦИА.
Мексиканската претседателка, Клаудија Шајнбаум, изјави дека Федералната влада не била информирана за вклученост на американски службеници во операцијата и порача дека такво неовластено присуство не смее да се повтори.
Таа повтори дека Мексико поддржува размена на разузнавачки информации и безбедносна соработка со САД, но нема да дозволи американски агенти или сили да учествуваат во операции на мексиканска територија.
Американскиот претседател Доналд Трамп, пак, во повеќе наврати повика на поинтензивна употреба на американската воена сила против мексиканските картели и предупреди дека САД би можеле да дејствуваат самостојно доколку Вашингтон оцени дека Мексико не презема доволно мерки.






