Во Хрватска професионалните војници ќе добијат финансиска помош од државата при купување стан
Потпретседателот на хрватската влада и министер за одбрана Иван Анушиќ, во интервју за списанието „Хрватски војник“, по повод 35-годишнината од основањето на Хрватската армија, објави дека ќе се воведе финансиска помош за професионалните војници при купување недвижен имот.

Анушиќ потврди дека Министерството за одбрана го финализира правилникот што треба да овозможи директна финансиска помош.
„Станува збор за кофинансирање на станбен кредит за припадниците на вооружените сили кои немаат сопствен недвижен имот. Министерството за одбрана ќе ја кофинансира ратата од кредитот во одреден процент“, објасни министерот.
Тој го гледа овој потег како клучна алатка за задржување на војниците на пазарот на трудот, со веќе спроведеното зголемување на платите, кое во просек изнесуваше 40 проценти за војниците.
Интересен пресврт се случи во обуката на првата генерација регрути кои служат двомесечен воен рок. Анушиќ го изрази своето големо задоволство од одѕивот, кој е дури 98 проценти, но и од фактот дека војниците се среќаваат со модерно оружје од првиот ден.
„Развиваме системи без екипажи затоа што така се заштитуваат војниците. Веќе користиме FPV дронови (камикази дронови) во обуката на војниците“, изјави министерот
Покрај технологијата, министерот најави и понатамошна работа за воведување на бенефиции во стажот за сите припадници на хрватската армија. Процесот на модернизација на копнените сили, кој вклучува набавка на тенкови, хаубици и ракетни системи HIMARS, треба, според планот, целосно да биде завршен до крајот на 2029 година, кога се очекува испорака на сите договорени системи.






