Американската војска ги крати обуките поради буџетски дефицит од повеќе милијарди долари

Копнената војска на САД се соочува со ненадеен буџетски дефицит и спроведува итно намалување на трошоците за обука во своите единици, што доведе до откажување курсеви и засилена финансиска контрола, објави денеска „АБЦ њуз“, повикувајќи се на интерни документи и на официјални лица.
Според тие наводи, дефицитот се проценува на околу четири до шест милијарди американски долари, а настанал поради зголемените оперативни ангажмани во земјата и во странство. Меѓу главните причини се издвојуваат трошоците поврзани со операциите на Блискиот Исток, како и проширените мисии за обезбедување на јужната граница на САД. Дополнителен притисок врз буџетот претставуваат и ангажманите на Националната гарда, вклучително и распоредувањето во Вашингтон, чиј трошок се проценува на околу 1,1 милијарда долари годишно, наведува Канцеларијата за буџет на американскиот Конгрес.
Армијата истовремено ги покрива и растечките трошоци за персоналот и одредени задачи поврзани со Министерството за внатрешна безбедност, вклучувајќи проекти на границата и инфраструктурни работи. Во интерните документи се посочува дека најмногу ќе биде погоден Третиот оклопен корпус, кој го опфаќа најголемиот дел од тешките борбени единици на американската војска. Во проценките се предупредува дека авијациските единици следната година ќе бидат распоредувани со пониско ниво на подготвеност, како и дека би можело да дојде до застој во напредувањето на офицерите од среден ранг, додека целосната обнова на борбената оспособеност би можела да трае и до една година.
Намалувањата вклучуваат и преполовување на буџетите на одделни единици, како и драстично кратење на часовите за летање на пилотите на минимално ниво. Откажан е и курсот за воени инженери, како и артилериската обука во Форт Кембел, додека во некои единици дополнително се преиспитува бројот на војници што можат да бидат обучени.
Портпаролот на американската армија, полковникот Марти Мајнерс, изјави дека командите преземаат мерки со цел приоритетно да се зачува борбената готовност во рамките на постојните буџетски ограничувања. Официјални лица оценуваат дека одредени приспособувања на обуките се вообичаени пред крајот на фискалната година, но дека не е вообичаено вакви обемни кратења и откажувања да се случуваат во толку рана фаза од буџетскиот циклус.






