Федерален судија од Вашингтон ги укина санкциите на Трамп против специјалната известувачка на ОН, Франческа Албанезе
Федерален судија привремено ги блокираше санкциите на САД против Франческа Албанезе, специјалната известувачка на ОН за палестинските територии.

Во вчера донесената пресуда судијата наведе дека администрацијата на Трамп веројатно ги прекршила нејзините права за слобода на говор кога ги вовела мерките по нејзината критика кон Израел, сојузник на САД, и неговата војна во Газа, пишува Гардијан.
Санкциите ѝ забрануваат на оваа италијанска адвокатка која е специјална известувачка на ОН за окупираните палестински територии, да влегува во САД и да врши банкарски работи. Мерките беа воведени откако таа препорача Меѓународниот кривичен суд (МКС) да отвори постапка за воени злосторства против израелски и американски граѓани.
Американскиот државен секретар, Марко Рубио, ги воведе санкциите во јули 2025 година, повикувајќи се на извршната наредба на Трамп со која се овластуваат такви дејствија против лица вклучени во истрагата на МКС за дејствијата на Израел во Газа.
Нејзиниот сопруг и ќерка, која е американски државјанин, во февруари поднесоа тужба против администрацијата на Трамп. Во тужбата, тие наведоа дека санкциите „практично ѝ ги оневозможиле банкарските трансакции и речиси ѝ го оневозможиле задоволувањето на секојдневните животни потреби“.
Окружниот судија од Вашингтон, Ричард Леон, пресуди дека престојот на Албанезе надвор од САД не ја намалува нејзината заштита според Првиот амандман од Уставот на САД. Тој заклучи дека администрацијата на Трамп се обидела да го регулира нејзиниот говор заради „искажана идеја или порака“.
„Албанезе не направила ништо повеќе од тоа да зборува!“, напиша Леон во своето образложение.
„Неспорно е дека нејзините препораки немаат обврзувачки ефект врз постапките на МКС, тие не се ништо повеќе од нејзино мислење“, додаде тој. Самата Албанезе ги опиша санкциите како дел од пошироката стратегија на САД насочена кон ослабување на меѓународните механизми за одговорност.






